Со оглед на тоа дека бројот на заразени од Ковид-19 е намален, од 1 февруари 2021 година се планира да се врати принципот на работа и работниот процес на државната и јавна администрација во полн состав со полно работно време на работните места, информираат од Владата за МИА.
За овој став, како што потенцира портпаролот на Владата Душко Аровски за МИА, претходно ќе се побара и дополнително мислење од Комисијата за заразни болести.
Државната и јавна администрација, општините и судовите, согласно одлуката на Владата од 13-та седница, од 20 октомври 2020 година, по препорака на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, согласно принципот на работа и работниот процес, ја организираше работата во смени, на далечина (дома) или, пак, редуцирано со систем на ротации, зависно од карактеристиките на работниот процес на институциите, имајќи го предвид Протоколот за превентивни мерки за сите работни места („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/20).