Патронажните сестри денеска во Министерството за здравство доставија допис до Министерот Венко Филипче преку кој бараат решавање на нивниот долгогодишен проблем.
Тие бараат проектот да им биде продолжен бидејќи истиот истекува на крај од овој месец, а потоа тие остануваат на улица.
Тие манипулирани се речиси две години директно од министерството и министерот за здравство кој очигледно нема слух за нивниот проблем.
„Во октомври 2019 година по јавен повик од Министерството за здравство ангажирани сме 134 медицински сестри во патронажна служба во здравствените домови за време од 6 месеци.
Со самиот почеток на Ковид 19 пандемијата во нашата земја поради зголемената потреба од медицински персонал нас како медицински сестри ни беше продолжен договорот на дело и ние ја извршувавме нашата хумана работа без да ни биде платено здравствено и пензиско осигурување, без слободни денови. Работевме со суспектни и позитивни ковид пациенти, во итна медицинска помош, транспорт на ковид позитивни, домашно лекување, патронажна дејност, модуларни болници, пунктови за вакцинација, секаде каде што беше и е потребно за време на пандемијата.
Во време на пандемија и вонредна состојба во земјава за жал не се пронајде решение за нашиот статус. Договорот на дело на сите медицински сестри ангажирани преку проектот за патронажна дејност ни завршува на 15, најдоцна 31 декември оваа година.
Ние бараме надлежното министерство да изнајде начин и нашиот статус да го трансформира во Договор на неопределено време од причина што ние тоа го заслужуваме и ние професионално ги извршуваме работните задачи рамо до рамо со колешките со редовен работен однос во време на пандемија. Доколку ова не се реши бараме средба со министерот“, велат од таму.
Инаку ова не е прв пат медицинските сестри од овој проект да извисат и да „молат“ да останат на работа.
КУРИР во неколку наврати ги објавуваше барањата на патронашните сестри до министерот.
Тие стравуваа за нивните работни места и лани среде пандемијата.
Инаку, во јуни 2019 година Министерството за здравство објави оглас за јавен повик за сите медицински сестри кои се заинтересирани за работа во службите на патронажната дејност да се јават на конкурсот. Условите кои се бараа беа да се има завршено средно или вишо медицинско образование со положен стручен испит, а министерот за здравство поради комплексноста на овие договори и заинтересираноста на јавноста дури три пати на прес-конференции вети дека истите лица нема да останат на улица и договорите ќе им бидат продолжени.
Преку овој проект во Скопје се вработија 48 медицински сестри и 10 лекари и уште 50 медицински сестри низ целата земја со што вкупниот број поминува повеќе од 100 лица.
Ќе остане ли Македонија без медицински персонал за време на пандемијата на почетокот на идната година останува да видиме…