Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска ќе има воведно обраќање на комеморативното одбележување по повод 27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот.
-Република Северна Македонија, како одговорен и почитуван член на меѓународната заедница, веќе повеќе години наназад го одбележува овој ден со цел да оддаде почит на преку шест милиони невини деца, жени и мажи – жртви на овој ужасен чин, меѓу нив и 7.144 македонски Евреи кои своите животи ги загубија во логорот на смртта во Треблинка, но исто така и на жртвите на сите останати геноциди, се наведува во соопштението од МНР.
На комеморативното одбележување, што ќе се одржи во организација на Министерството за надворешни работи, ќе се обратат и претседателот на Собранието на Еврејската заедница во Република Северна Македонија, Радојка Хелман – Денковска, амбасадорот на Сојузна Република Германија, Анке Холштајн, нерезидентниот амбасадор на државата Израел, Дан Оријан, како и Фахри Хисени, координаторот на регионалниот проект на Куќата на Ана Франк од Амстердам „Историја – лекции за сегашноста” од Младински образовен форум – Скопје.