Денеска во Кривичен суд, во предметот „Тенк“ на СЈО во кој се обвинети Никола Груевски, Гордана Јанкулоска и Ѓоко Поповски за набавката на „мерцедес“, се изведуваат писмени докази и се сослушуваат сведоците на одбраната.
Одбраната бараше од судот да дозволи обвинителите да ја читаат содржината на писмените докази, а не само насловите. Исто така, адвокатот Дангов бараше согласно членот 392 од ЗКП, содржината од материјалните докази да се заведат во записникот од главната расправа.
На ова се приклучија и бранителите Сања Алексиќ и Стерјо Зиков, кои побараа и превод од некои од материјалните докази кои не се на македонски јазик туку на странски, како и декласификација на истите.
-СЈО не само што не ни доставил преведени писмени докази, туку и со листата на докази се предлагаат докази со назнака “доверливи” и “строго доверливи”, за кои нема решение за нивна класификација. Тоа мора да се обезбеди бидејќи судењето е јавно. Бараме од судот да достави решение за декласификација, рече адвокатот Алексиќ.
По ова, обвинителот Ленче Ристовска рече дека доколку се читаат строго доверливите докази, ќе побара исклучување на јавноста.
Класифицираните докази се Годишниот план за јавни набавки од 2012, правилникот за измена и дополнување на правилникот за организација и работа на МВР од 2011, правилник за измена и дополнување на правилникот за систематизацијата на работните места во МВР 2011, одлука за јавни набавки на стоки од 2011, годишен план за јавна набавка во 2011.