четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Одбраната со завршни зборови: На 27 април имаше насилство, но не и загрозување на безбедноста

Одбраната со завршни зборови: На 27 април имаше насилство, но не и загрозување на безбедноста

Судот го одби барањето на одбраната за враќање на судењето за организаторите на 27 април во главна расправа. Ваквото барање следува откако во завршните зборови на обвинителката Вилма Русковска беше изменет диспозитивот на обвинението. Според судијата Илија Трпков, кој претседава со Кривичниот совет, обвинетите и нивните бранители досега имале можност да ги оспорат доказите, воедно обвинението ниту е проширено, ниту пак е променета квалификацијата на делото.

По ваквата одлука на Советот, судењето продолжи со завршните зборови на одбраната, а адвокатот Еленко Миланов, кој е застапник на повеќето обвинети, истакна дека ниту еден од нив, односно Трајко Велјановски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиевски, Владимир Атанасовски, не го сториле делото „терористичко загрозување на уставниот поредок или безбедноста на државата“. Тој истакна дека обвинението не може да се потврди.

– Обвинителство сака да ве убеди дека бил загрозен уставниот поредок, но ајде сега да се вратиме пред инкриминираниот дел од обвинението, односно почетокот на 2017 година па заклучно со 27 април. Уставниот поредок во тој период е парламентарна демократија и уставниот поредок после 27 април е исто така парламентарна демократија. Истата оваа одредба ги предвидува и дејствијата со кои некој можел да го загрози уставниот поредок , а како дејствие се наведуваат предизвикување или закана со експлозија, пожар или друго опасно дејствие, а ништо таквво не се ни става на товар на било кој од обвинетите во оваа постапка. Тоа што треба да се стави на товар е акт на насилство, рече Миланов во завршните зборови.

Претходно, пак,во своите завршни зборови обвинителката Вилма Русковска, кажа дека поранешниот претседател на Собранието, Трајко Велјановски, обвинет во случајот „Организатори на 27 април”, имал задача по секоја цена да спречи избор на нов претседател на Собранието на 27 април 2017 година.

– Улогата на обвинетите Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски била да ги организираат протестите „За заедничка Македонија”, додека улогата на обвинетите Владимир Атанасовски, била да укаже поддршка со акти на насилство и да се спречи изборот на претседател на Собранието, рече обвинителката Русковска.

Дел од организаторите на „крвавиот четврток“ според Обвинителството е и поранешниот премиер Никола Груевски, кој според завршните зборови на Русковска, ги повикал граѓаните преку јавно обраќање „народот да не седи во папучи, да ја земе судбината во нејзини раце”.

Судскиот процес за организаторите на насилствата од 27 април во Собранието започна на 21 февруари 2020 година. Обвинителниот акт ОЈО за гонење организиран криминал и корупција до Кривичниот суд го поднесе на 31 мај 2019 година, а беше прифатен во 31 јануари 2020 година. Во истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошковски, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни на органите на прогон.

Најнови вести