Одбраната во случајот „Тенк“ се обидуваше да извлече одговори од сведокот вештак, Тале Герамитчиевски за како што кажа адвокатот Стерјо Зиков, да ги докаже неговите стручни познавања во врска со тендерската документација и во делот на спецификациите на возилото. Но, безуспешно. Судијата Кацарска ги усвојуваше сите приговори на ЈО на прашањата од одбраната.
Адвокатите беа спречени во обидот да извлечат нешто повеќе од вештакот, кој бил задолжен да ги анализира и споредува техничките карактеристики од листата на спецификации со набавеното возило Мерцедес с 600 Гард. Па, според тоа адвокатката Сања Алексиќ рече дека одбраната се сомнева во стручните знаења на вештакот Тале Герамитчиевски.
И денешното рочиште за Тенк заврши по работното време. Иако Коалицијата Сите за правично судење ја истакнаа својата загриженост по однос на динамиката на движење и траење на овој случај, овој судски совет продолжува да го прекршува членот 6 од Европската конвенција за човекови права кој упатува на минимални утврдени права на обвинетиот меѓу кои и обезбедување на време и услови за подготвување на одбраната.
Со пролонгираното времетраење на рочиштето, а по завршувањето на работното време на судот, се смета дека се постапува на штета на обвинетите во постапката со тоа што се врши повреда на нивното право на одбрана, се вели во овој член.
Следното рочиште е закажано за 8 мај на кое ќе се читаат писмените докази од страна на одбраната.