СЈО денеска во кривичниот суд презентираше СМС пораки на видео бим креирани во 2017 година во ексел програма за случајот „Траекторија“, тврди одбраната.
Адвокатите побарале да се снима со камера видео бимот на кој се презентираа СМС пораките, бидејќи снимката е единствен записник кој се води во судницата.
-Барам да се снима тоа што го чита обвинителот и да се види на камера во кој формат се доказите кои ги презентира и која година се креирани. Постојат стриктни правила за изведување на докази – снимен материјал и негова презентација од страна на обвинителот и не преку помошни средства и табели кои се креирани пост фестум, рече адвокатот Дончо Наков.
Исто така одбраната побарала од судот обвинителот да не ги коментира СМС пораките додека ги чита, бидејќи тоа е спротивно на законот.
Според одбраната дополнително ексел фајлот лесно се менува и никој не гарантира за негова веродостојност. Фајлови во Ексел програмата може да ги смени секој еден кој има основни познавања од ИТ.