Уставниот суд го одложи одлучувањето по иницијативата за оценување на уставноста на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година.
Иницијативата беше поведена за да се разреши дилемата дали поранешниот претседател Ѓорге Иванов можел да го повлече помилувањата за 56 лица во 2016 година, повеќето опфатени во предметите на поранешното Специјално јавно обвинителство.
Судијата Осман Кадриу побара пред да се одлучува по оваа точка одново да се расправа за што доби поддршка од тројца судии.
Овој член од Законот предвидува претседателот на Републиката да го поништи помилувањето дадено без претходна постапка за помилување во рок од 30 дена од денот на донесувањето на овој закон, при што претседателот не е должен да ја образложи одлуката.
Министерот за правда Бојан Маричиќ вчера на прес-конференција не сакаше да коментира каков ќе биде исходот на расправата на Уставниот суд по иницијативата во врска со членот 11а од Законот за помилување, но, како што рече, е убеден дека одлуката на Уставен ќе ја расчисти оваа ситуација.
– Ова е важен процес и не треба да прејудицираме која ќе биде расправата на Уставниот суд во врска со членот 11а од Законот за помилување за да не се прави какво било влијание. Не би сакал да коментирам. За нас е најважна правдата, правната држава и владеењето на правото како принцип. Верувам дека ќе имаме одлука или некаков вид изјаснување на Уставен, кој ќе ја расчисти оваа ситуација, рече Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање.