Заврши фракционерската борба на пратениците Изет Меџити, Мерита Колчи Коџаџику, Кастриот Реџепи, на екс-заменик министерот Башким Асани, на градоначаникот Висар Ганиу и на други истакнати членови и функционери во ДУИ. Од денеска не се членови на оваа партија. Констатираат дека ДУИ целосно ги исклучила, дека залудно се обиделе да делуваат како фракција и дека треба да формираат нова партија која ќе стане опозициска.
Во новата партија нема да бидат „огнените“ Муса Џафери, Блерим Беџети, Невзат Бејта и други. Тие одлучија да останат фракција во ДУИ и да ги решаваат сите проблеми со „демократска дебата и легитимни одлуки“.
Овој чекор на Меџити следи по бојкотот на внатрепартиските избори во општинските ограноци и исфрлањето на приврзаниците на „огнените“ од јавните функции. Портпаролот Бујар Османи им порача: „Кој се запишал, тој е во ДУИ“.
Новата партија, која сè уште нема име, ќе значи и намалување на парламентарното мнозинство. Тројца пратеници од власта сега ќе делуваат опозициски. ДУИ не успеа да ја задржи компактноста на пратеничката група и да ги дисциплинира „огнените“, кои цела година упатуваат остри забелешки за министрите од оваа партија и обвинувања за самоволие и властољубие од вицепремиерот Артан Груби.