Во изминативе 24 часа, на дежурните телефони во МНР пријавени се неколку граѓани кои имаат свои роднини и/или пријатели во Авганистан, кои појавиле интерес за состојбите во Авганистан, за нашите активности, но притоа не е побарана асистенција за нивно извлекување.
Од вчерашната инструкција на нашата дипломатска мрежа за контакт со соодветните Министерства за надворешни работи во земјите на нивно покривање, денес дел од Амбасадите и Конзулатите веќе се стапени во контакт и некои од пријателските земји изразија подготвеност при евентуални организирани летови за евакуација да бидат на располагање и за граѓаните на Република Северна Македонија.
Според последните сознанија, околу 100 наши граѓани се идентификувани дека се сѐ уште присутни во Авганистан, и сега за сега сите се наоѓаат на безбедни локации. Според последните информации кои ги добивме компаниите кои ги ангажираат работниците не се соочуваат со потешкотии и имаат резервирано сопствени летови за евакуација на нивните работници, а дел од нив веќе се префрлени во некои од соседните земји и нивниот трансфер дома не е спорен.
Министерството за надворешни работи будно ја следи состојбата во Авганистан, за што, како што информиравме, формирана е и посебна работна група во рамките на Министерството. Остануваме во постојан контакт и со амбасадите акредитирани во земјава, чии матични држави имаат логистичко присуство во Кабул, од каде постојано добиваме информации за состојбите на терен.