четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Околу 50.000 граѓани од дијаспората се самопопишани за 10 дена

Околу 50.000 граѓани од дијаспората се самопопишани за 10 дена

Изминаа првите десет дена од пописот, во кој што првпат е опфатена и нашата дијаспора. Министерството за надворешни работи е посебно ангажирано во овој процес има отворено посебни телефонски линии опремени со најсовремените дигитални алатки ватсап/вајбер за да може граѓаните од која било точка на планетава да се обратат. Информациите се  достапни на веб страната на МНР и на веб страните на нашите амбасади, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи во видео-обраќање објавено на неговиот Фејсбук профил.

Тој нагласи дека апликацијата функционира едноставно, со што околу 50 илјади граѓани се самопопишани во првите десет дена, а амбасадите низ целиот свет се ангажирани да направат акциски планови за да можат да стигнат до секој граѓанин.

Во Рим имавме исклучително добри посети. Се сретнавме со наши граѓани и со здруженија на граѓани. Луѓето се посебно заинтересирани за пописот, но и воопшто за враќање на врските во земјата. Следната недела заминуваме за Берн и Шпанија. Затоа е важно да им обезбедиме на луѓето информации, да ги слушаме, да бидеме трпеливи. Луѓето ќе го ценат тоа, а и целиот овој процес е важен за сите нас, истакна министерот за надворешни работи.

Тој вели дека дипломатијата има за цел да обезбеди поголемо учество на дијаспората, со што ќе има правилно мапирање и дистрибуција на граѓаните надвор, како и дека со веродостојни податоци се отвораат нови можности за државата, дијаспората и МНР. Податоците, додаде тој, исто така, обезбедуваат политики за привлекување на граѓаните за враќање во државата. (МИА)

Најнови вести