Вкупно 455.600 жители на Македонија, во текот на минатата година, биле под праг на сиромаштија, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Во 2019-та година, стапката на сиромашни лица во Македонија е 21,9%, исто колку и во 2018-та, додека во 2017-та тој процент беше 22,2%.
Анализирано според полот, жените се многу повеќе погодени од мажите, па така во сиромаштија живеат 22,5% жени и 21,4% мажи.
Стапката на сиромаштија, според типот на домаќинство, е највисока (45,3%) кај домаќинство на двајца возрасни со три и повеќе издржувани деца. Потоа следи самохран родител со издржувани деца (42,8%) и домаќинства со издржувани деца (26,4%).
Неактивните и невработените лица се меѓу најранливите категории кога е во прашање сиромаштијата, бидејќи кај нив стапката на сиромаштија е највисока (33,9% и 33,2% соодветно), а најниска кај пензионерите (2,2%).