петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Олаф Шолц ја повика Бугарија да излезе од минатото

Олаф Шолц ја повика Бугарија да излезе од минатото

Германскиот канцелар во Бундестагот рече дека утрешниот самит ЕУ-Западен Балкан за малку ќе бил откажан поради најавениот бојкот на Ковачевски, Вучиќ и Рама

Германскиот канцелар Олаф Шолц пред Бундестагот изјави дека не е изненаден што самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел за малку ќе бил откажан поради одбивањето на лидерите на Северна Македонија, Албанија и Србија да одат на него. Шолц пред парламентарците рече дека по толку неостварени ветувања за овие земји, не е изненадување што се случуваат такви работи.

„За малку немаше да се одржи утрешниот самит ЕУ-Западен Балкан. И искрен да бидам, тоа не треба никого да изненадува“, рече Шолц.

„Кога ќе разбудите очекувања, кога ќе им кажете дека патот кон ЕУ се исплаќа, кога ќе се преземат напори, и ќе се ризикуваат политички конфликти во сопствената земја, една земја – Северна Македонија дури го смени и името за да го реши спорот со Грција, и сето тоа ништо не помага и ништо не се придвижува, тогаш е сосема разбирливa вознемиреноста која ја чувствуваат политичките раководства и граѓаните и граѓанките на овие земји“.

Шолц прогнозираше дека поради тоа, утрешниот самит во Брисел со земјите од Западниот Балкан „нема да биде едноставен“.

„Но затоа Германија мора јасно да се позиционира за да знаат: Германија е на ваша страна“, рече Шолц.

Тој изрази надеж дека „сите ќе излезат од своите сенки и ќе ја сфатат својата одговорност“.
„ЕУ мора да даде зелено светло за Северна Македонија и Албанија“.

Во таа насока, Шолц објасни дека посетата на Софија бугарскиот премиер „му ветил“ дека ќе биде многу конструктивен во разговорите со Скопје. Поздравувајќи го францускиот компромисен предлог за надминување на бугарската блокада, германскиот канцелар посочи дека и во текот на денешниот ден сѐ уште траат жестоки дебати на оваа тема во Бугарија.

„Повторно е тоа она што ни прави потешкотии во Европа, работи од далечното минато се користат за да се уништи шансата за мирна иднина. Затоа се надевам дека Бугарија ќе избере пат кој ќе овозможи да се приближи до своите најблиски соседи на Западниот Балкан”, рече Шолц.

Како што веќе најави, Шолц вети дека ќе бара реформи на ЕУ со цел таа да се подготви за прием на нови членки, преку институционални реформи и промена на принципот на едногласност. Но тоа, според него, не треба да го запре напредокот на земјите од Западниот Балкан.

„Повеќе од 20 години овие земји чекаат да ги исполниме ветувањата. Неодамна бев во Солун, таму каде што го дадовме тоа ветување, и сите мислеа дека за 5 до 8 години ќе станат членки. Затоа сега е важно да кажеме: Ние го сакаме и потребен ни е Западниот Балкан во ЕУ“, порача Шолц пред пратениците во Бундестагот.

Најнови вести