сабота, 11. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Опозицијата смета дека извештајот на ЕК е поразителен, Маричиќ си расправа политика

Опозицијата смета дека извештајот на ЕК е поразителен, Маричиќ си расправа политика

Пратениците денеска во рамки на 57-та седница на Собранието ја продолжија расправата за Извештајот на Европската комисија за Македонија за 2021 година.

Пратениците од опозицијата сметаат дека овој Извештај е „поразителен“ за нашата земја бидејќи, како што рекоа, оваа власт ќе ја донесе нашата држава на дното. Според ВМРО-ДПМНЕ, Извештајот ја истакнува „алчноста на оваа власт“ и дека „неспособни луѓе и институции ја водат земјата во погрешен правец“, додека „слабото рангирање е резултат на слабиот, корумпиран и партизиран судски систем“, а „корупцијата на власта ја уништи економијата“.

Пратеникот Јован Јаулески од ВМРО-ДПМНЕ побара одговорност од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за случајот со убиството на ракометарот Тот. Според него, власта поддршка од народот, нема сериозен напредок во судството и итно се потребни нови избори.

-Со СДСМ ние сме далеку од портите на Европската Унија, рече Јаулески.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, реплицирајќи му на Јаулески потсети на криминалот во редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

-Масовно крадење на државни пари и употреба во партиски цели за крадење на избори. Знаете како се вика тој ваш проект? „Титаник 1 и Титаник 2“.  Во тие предмети има тројца секретари на ВМРО-ДПМНЕ, кои што потврдија дека тоа го правеле во интерес на партијата. Тројца секретари на ВМРО-ДПМНЕ. Најдобар проект ви е овој новиот „Плацови на Водно“. Таму велите во тој дел со СДСМ сме биле далеку од ЕУ, а со ВМРО-ДПМНЕ за џабалк се земаа плацови на Водно, кој до ден денес не можат да се добројат колкав е имотот и на чие име од вашите функционери, рече Маричиќ.

На обраќањето на Маричиќ, реагираше партеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, која укажа дека не е во ред така да се однесува, зборува и „напаѓа“ пратеник од опозицијата во Собранието.

-Го нарушивте достоинството на овој Парламент, спомнувајќи судски случаи, навредувајќи ја партијата ВМРО-ДПМНЕ… Ја избегнавте онаа интерпелација која од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја добивте како министер за правда, но со ваквото ваше однесување заслужувате да добиете нова интерпелација, рече Стојаноска.

Во расправата доминираа различни теми, како квалитетот на живот, стареењето на државата, желбата на младите да ја напуштат земјава, а пратениците меѓу себе се обвинуваа за изнесување лаги и манипулации.

Седницата ќе продолжи во 15 часот, по редовната пауза на пратениците. (МИА)

Најнови вести