Владата на 40-тата седница одржана минатиот месец усвои Информација со која им препорача на државните и јавни институции и на единиците на локална самоуправа да донираат средства за обнова и реконструкција на опожарениот трговски центар „Глобал“.
Официјално во јавноста досега не излегоа многу детали за тоа дали институциите и општините ја послушаа Владата. Дали и колку пари одвоиле конкретно општините за оваа намена не е познато. Курир контактираше поголем број општини во Скопје и Македонија, но одговор добивме само од неколку до објавувањето на овој текст.
Општините не откриваат дали и финансиски средства во колкав износ планираат да наменат за обнова на опожарениот приватен објект на име на солидарност.
Во одговорите кои ги добивме, дел од општините кусо посочуваат дека немаат донесено одлука за финансиска помош, но не откриваат дали во следниот период планираат да донесат таква одлука иако и за тоа беа прашани. Ова се нивните одговори:
–Град Скопје нема донесено одлука за давање на финансиска помош за обнова на опожарениот ТЦ „Глобал“ во Струмица.
–Општина Штип се уште нема издвоено средства како финансиска помош за обнова на опожарениот ТЦ „Глобал“ во Струмица.
–Општина Бутел нема издвоено финансиска помош за обнова на опожарениот ТЦ „Глобал„ во Струмица.
-Засега, Општина Битола нема издвоено средства како финансиска помош за обнова на опожарениот ТЦ „Глобал“ во Струмица. Хуманоста е карактеристика која што Општина Битола ја покажала во минатото и за која одлучува Советот на Општина Битола. Најсвеж пример е испратената хуманитарна помош во Албанија по тамошниот земјотрес, како и помошта која Советот ја доделува на поединци во општината, кои се соочиле со последици од елементарни непогоди – поплави, пожари итн.
-Во буџетот на општина Куманово нема предвидени средства, ниту донесена Одлука од Советот на општината за помош за обнова на опожарениот ТЦ “Глобал”-Струмица. Од страна на Градоначалникот на општината ќе биде организирана приватна акција за собирање на допринос за помош од опожарување на “Глобал” од вработените во општината на доброволна основа.
Општина Карпош во својот одговор посочи дека засега не планира финансиски да ја помогне обновата на „Глобал“, додека од Прилеп наскоро ќе донесат одлука по ова прашање.
–Општина Карпош нема издвоено финансиски средства за обнова на опожарениот ТВ ,,Глобал” во Струмица. Сега засега, не е ниту во план да се одвојат финансиски средства за оваа намена.
-Одлука за тоа дали и колкава ќе биде висината на евентуално издвоените финансиски средства за обнова на ТЦ „Глобал“, ќе донесе Советот на Општина Прилеп, на следната седница која ќе се одржи на 19-ти февруари.
Една од општините од кои не добивме одговор е и скопската општина Аеродром. На последната седница на советот се расправало за оваа точка, но официјално не е познато колкав износ општината ќе донира, иако одлуката за помош била усвоена од советниците. На социјалните мрежи, пак, кружеше документ на кој пишува дека Општината ќе донира 60.000 денари за „Глобал“.
Во записникот од одржаната 50-та седница, објавен на официјалната страна на Општина Аеродром, во расправата по оваа точка, меѓу другото стои и објаснување од претставник од администрација Александар Ѓорѓиевски кој вели дека „повеќето општини веќе помогнаа“.
-Појаснување даде Александар Ѓорѓиевски и кажа дека се работи за помош кон Здружение на граѓани Обнова Глобал Струмица. Повикот беше упатен и јавно преку сите медиуми, причините и последици евидентирани во дневник на МВР. До општините беше проследено и преку ЗЕЛС. Ние сме помеѓу последните кои издвојуваат средства за оваа помош. Повеќето општини веќе помогнаа. И во минатото општина Аеродром била солидарна и издвојувала на сличен начин средства за вакви или слични намени, пишува во записникот на одржаната седница.
Пожарот во Трговскиот центар „Глобал“ во Струмица се случи во првите денови од јануари годинава. Во гаснењето учествуваа голем број пожарникари и од околните градови. Причинета беше голема материјална штета. Обвинителството информираше дека опожарена е една третина од Градскиот пазар, повеќе продавници на приземјето и првиот кат, дел од вториот, а урнат е и дел од покривот на трговскиот центар.
Во јавноста се појавија и обвинувања дека во трговскиот центар не биле во функција хидрантите.
Инаку, овој трговски центар во јавноста е познат по аболицијата на Зоран Заев. Во тоа време како струмички градоначалник беше уапсен па аболициран од тогашниот претседател Бранко Црвенковски под сомнение за вина за изградбата на „Глобал“ за која документите тогаш презентирани во медиумите покажуваа дека е бесправна.
Актуелниот премиер Зоран Заев, кој своевремено беше градоначалник на Струмица, е единствениот аболиран политичар во Македонија, во случај токму поврзан со споменатиот трговски центар „Глобал“. Лидерот на СДСМ во повеќе наврати рече дека е подготвен да се соочи со обвинението за криминалот од 8 милиони евра кој му се става на товар за случајот „Глобал“ но всушност расветлување на слуачјот досега немаше.
Во легализација на објектот поради кој во 2008 година беше уапсен Заев учествувале сопственици на фирмата „Де лукс инжинеринг“ кои истовремено биле и косопственици на фирмата „Сара инжинеринг“, каде сопственик е и родениот брат на Зоран Заев, Вице Заев. Двете фирми кои се јавуваа како сопственици на објектот „Глобал“ така директно биле поврзани со луѓе блиски со тогашниот градоначалник Заев. Тогаш упатени во случајот „Глобал“ сведочеа дека тоа е „школски пример“ како имот изграден на незаконски начин преминува во рацете на кланот Заеви.