недела, 10. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Османи: Не сме официјално информирани, Русија ја прогласи С. Македонија за непријателска земја

Османи: Не сме официјално информирани, Русија ја прогласи С. Македонија за непријателска земја

Русија ја прогласи Македонија за непријателска земја. Федерацијата денеска усвои список, во кој, според странските медиуми, се ставени сите земји кои спроведуваат „непријателски дејствија“ против Русија, руските компании и граѓани. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи изјави дека не се официјално информирани за оваа постапка на Руската Федерација, но додаде дека сите контра-одговори кон Русија ќе бидат во координација со ЕУ.

Покрај нашата земја, на листата се и Албанија, Црна Гора, Бугарија, Швајцарија, САД и неколку земји кои воведоа или се приклучија на санкциите против Русија по почетокот на воената агресија во Украина. Османи уште еднаш ја истакна важноста политиката за проширување на ЕУ да се гледа како безбедносна политика, додавајќи дека Западен Балкан е непокриена област на ЕУ и слаба точка во срцето на Европа.

„Она што сега се случува во Украина јасно докажува дека сега оваа слаба точка станува кревок центар за можна ескалација на конфликтот. Фактот што имаме три земји членки на НАТО на регионот му дава позитивна динамика, но да не заборавиме дека имаме три земји кои не се членки на НАТО. Имаме не толку јасна динамика за интеграција во ЕУ и сето тоа помага да се создаде тој тежок контекст што би можел да ја олесни и можната ескалација во иднина“, вели Османи.

Османи додаде дека според информациите нема директна закана за безбедноста на Македонија и регионот.

Во врска со објавата на Амбасадата на Руската Федерација за ширење на русофобија и дека такви елементи се евидентирани од страна на Русија, Османи тоа го оцени како класична закана која е надвор од нормалните дипломатски комуникации меѓу двете земји.

Најнови вести