Министерот за надворешни работи, Бујар Османи утре ќе оди во посета на Софија. Како што информираат од МНР, при работната посета на Софија, Османи заедно со бугарскиот колега ќе го посетат, како што се наведува, повредениот македонски државјанин кој беше физички нападнат во четврток во Охрид.
Охриѓанецот Христијан Пендиков кој се идентификува како Бугарин е секретар на бугарскиот клуб „Борис Трети“ во Охрид.
-Посетата ќе биде искористена за да се разменат мислења меѓу двајцата министри за инцидентот во Охрид, за зачестените провокации, како и за активностите на двете министерства за превенција и отпорност од сличните провокации, стои во соопштението од МНР.
Инаку денеска во Софија пред претставништвото на Европската комисија се одржа протест за одбрана на правата на Бугарите во Северна Македонија каде се најбројни симпатизери и претставници на политичката партија ВМРО-БНД. Протестот, како што беше кажано, беше и за поддршка за нападнатиот секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков, јавија бугарските медиуми.
Протестот го најави бугарскиот претставник во Европскиот парламент и копретседател на ВМРО, Ангел Џамбаски. Во писмо до претседателската на ЕК, тој побара итен прекин на преговорите на нашата држава за членство во ЕУ.
По нападот, во текот на вчерашниот ден бугарската Амбасада во Скопје организираше префрлање на Пендиков во болница во Софија каде е хоспитализиран.