Животот ми го променија целосно – заслужуваат казната да ги стигне, таа вечер беше брутална и крвничка, вели полицаецот Филип Филиповски кој беше прободен со нож во дискотека на 23-ти март во скопско Марино. За првпат по 22 дена, од кои 11 ги помина во болница полицаецот Филип Филиповски проговори јавно и опиша како бил нападнат од браќата Александар и Јордан Цветковски, инаку синови на екс- градоначалникот на Петровец и актуелен советник во МВР, Звонко Цветковски.
Неговата изјава ја пренесува Телевизија 24.
Напаѓачите ги познава од претходно, но никогаш не биле пријатели, а ниту непријатели. Вчера за првпат ги посочил и на препознавање во полициска станица. По ова МВР ја стокмило кривичната пријава и Обвинителството во ист ден ја отвори истрагата и побара притвор. Но, судот им изрече поблаги мерки.
Скопското обвинителство не се откажува и во понеделник ќе поднесе нова жалба со барање браќата Цветковски да бидат притворени. Судијката Сандра Крстиќ, која им одреди алтернативни мерки, на Обвинителството му забележува што бара притвор поради опасност да не влијае врз сведоци, а 20 дена по инцидентот не повикале сведоци на распит, Но, од ОЈО-Скопје порачаа дека вчера добиле комплетна кривична пријава со конкретни имиња и експресно отвориле истрага која допрва почнува.
Но, сметаат дека осомничените ги исполнуваат сите услови за да завршат во притвор, опасност од бегство и повторување на делото и влијание врз сведоци. Таткото на Филип, очекува сторителите да одговараат за потешко кривично дело, и наместо да се на слобода тие треба да се во притвор. Филиповски додава дека дека било каков обид за премолчување нема да го спречи да ја бара правдата.
Таткото на осомничените напаѓачи, Звонко Цветковски, до сега само го негираше делото дека воопшто го извршиле неговите деца. ТВ 24 побара и денеска коментар, но Цветковски остана недостапен.
Таткото пак на Филип вели докторите му го спасија животот, но Филип остана без еден бубрег и слезина по инцидентот. Правдата мора да ги стигне, велат и пријателите на Филип, а тој пак потенцира дека – никакви пари, обиди за замолчување или компензации нема да ги замолчат во обидот да ја докажат правата.
ИЗВОР: ТЕЛЕВИЗИЈА 24