Бројни, остри реакции за најавените тужби од страна на политичари до медиуми и новинари. Функционерите да се воздражат од тужби бараа Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Македонската асоцијација на новинари- МАН, Здружението на новинарите на Македонија- ЗНМ и Советот за етика во медиумите на Македонија- СЕММ.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги: Политичарите да се воздржат од тужби
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги повикува политичарите да се воздржат од тужби кон медиумите и да не ја загрозуваат слободата на изразување. Најавите за тужби, посочуваат, претставуваат директен притисок врз работата на медиумите особено кога известуваат за теми од висок степен на јавен интерес.
– Медиумите се чувари на јавниот интерес и креатори на јавната свест и затоа мора во интерес на јавноста, да објавуваат сеопфатни и проверени информации. Како што е наведено во Декларацијата за слободата на политичка дебата во медиумите на Советот на Европа „правото на слобода на изразување со себе носи обврски и одговорности за кои вработените во медиумите мора да водат сметка“, се вели во соопштението од Агенцијата.
Воедно ги потсетува претставниците на власта дека со самото прифаќање на функцијата прифатиле да бидат предмет на јавна политичка дебата, а со тоа и предмет на надзор на јавноста и на потенцијално силна јавна критика преку медиумите во поглед на начинот на кој ги извршуваат своите функции.
Агенцијата постојано апелира првенствено да се користи правото на исправка или одговор наместо директно да се прибегнува кон тужби против новинари и медиуми, особено кога станува збор за носители на јавни функции.
МАН: Нема повлекување текстови, тужете го премиерот Зоран Заев и Боки 13
Македонската асоцијација на новинари МАН бара од своите членови да не подлегнуваат на притисоци и закани, и да не ги повлекуваат текстовите кои се однесуваат на аферата Рекет. Секое објавување текстови во однос на оваа афера е заштита на јавен интерес каде се пишува и опишува само работа на државни функионери.
– Премиерот Зоран Заев завчера ги повика новинарите слободно да објавуваат, а кога тоа го сторија, се заканува со тужба против новинар кој објавил документ за аферата Рекет, каде е наведено и неговото име.
МАН е известен дека и останатите функционери наведени во документот од сослушувањето за Рекет, вршат јавен и директен притисок и ја ограничуваат слободата на медиумите.
– МАН ги повикува овие функционери да го тужат премиерот Зоран Заев од чиј тим се дел, бидејќи токму тој ги повика новинарите и медиумите (во неколку наврати) слободно да известуваат и информираат, вклучително и за аферата Рекет.
– Ниту еден медиум или новинар на кои и се заканувате, не ве запозна со Боки 13, не ве тераше да потпишувате меморандуми за фиктивни старечки домови, не ве тераше да се сликате по заеднички вечери со него, не ве тераше да станете членови на менаџментот на Меѓународен сојуз, не ве тераше да учествувате во неговите нелегални активности, не ве тераше да молчите за рекетот. Тоа е исклучиво ваша активност (законска или незаконска) а медиумите известуваат за последиците од тие ваши заеднички активности. Оттука, МАН ве повикува да си го тужите Боки 13 што ве вовлекол во најкриминалната афера во историјата на независна Македонија.
Што се однесува до ОЈО и заплашувањата дека е кривично дело објавувањето документи од јавен интерес, дека не се почитува презумција на невиност и се загрозуваат животи на лица од истрагата, треба да се потенцира дека документите и снимките за случајот Рекет се од јавен интерес, бидејќи станува збор за најголемата криминална афера во независна Македонија, во која учествуваат лица од врвот на власта, СЈО и судството. Го потсетуваме републичкиот обвинител Љубомир Јовевски дека токму тој на последната прес конференција изјави дека немало инолвирани политичари во случајот Рекет. А записникот го покажува сосема спротивното. Ја прашуваме обвинителката Вилма Рускоска зошто не реагираше кога се објавуваа секакви детали по медиумите за случајот 27 април. Аудио разговори и документи за истраги од Катица Јанева со години се објавуваа по медиуми блиски до СЈО и СДСМ, за кои никогаш ниту еден обвинител од СЈО јавно не реагирал.
Наместо ОЈО да објаснува за пресумција на невиност, треба да ја прашате обвинителката Рускоска, бидејќи на нејзина прес конференција осомничен се шета со лисици на раце пред десетици ТВ камери за случајот Рекет.
Самиот премиер на прес конференција кажа дека од медиуми чита одлуки и информации пред да ги објави самото обвинителство.
Заканите за тужби и острата реакција на ОЈО е само продолжение на владиниот акциски план за контрола на медиумите, особено на интернет медиумите.
ЗНМ и СЕММ: Функционерите да се воздржат од тужби
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) бараат медиумите да се држат до професионалните стандарди, а политичарите да се воздржат од тужби.
-ЗНМ и СЕММ сметаат дека јавните функционери треба да се воздржат од тужби за новинари. Патот кон професионализацијата на медиумите треба да се води преку саморегулаторните тела. Во согласност со добрата практика на европските земји, прагот на толеранција кај политичарите мора да e повисок и тие треба да постават пример за квалитетно користење на механизмите и телата за саморегулација, соопштија вечерва ЗНМ и СЕММ.
Од ЗНМ и СЕММ ги повикуваат и медиумите да се држат до професионалните стандарди при известувањето, објавувајќи проверени и точни информации, следејќи го јавниот интерес, а не во полза на пропагандистички наративи.
– Апелираме до медиумите да се стремат да ги почитуваат врвните професионални и етички стандарди, бидејќи кршењето на тие стандарди не е во ничиј интерес, а најмалку во полза на довербата во медиумите. Дополнително, праќаме порака до Основното јавно обвинителство дека непримерно е да дава оценка за тоа кои медиуми се (не)одговорни, потсетувајќи дека тоа е работа на еснафот и на публиката, стои во соопштението.