Со положување цвеќе во месноста Карпалак, каде што во 2001 година во заседа загинаа десет воени резервисти од Прилеп, денеска ќе бидат одбележани 18 години од трагичниот настан. Одбележувањето почна вчера со оддавање почит на бранителите во прилепската касарна „Мирче Ацев“.
Во Прилеп и во населените места денеска од 7:30 часот ќе се положи цвеќе и ќе им биде оддадена почит на загинатите на нивните вечни почивалишта во Прилеп и во населените места. Во 10 часот ќе се одржи панихида за загинатите во црквата „Света Петка“ во прилепската населба Точила, а од 13 часот е централното чествување пред споменикот „Карпалак“ во центарот на Прилеп.
На 8 август 2001 година на патот Скопје – Тетово во близина на селото Групчин, кај месноста Карпалак од заседа беше нападнат конвој на Армијата. Притоа загинаа десет армиски резервисти: капетан Нане Наумоски, поручник Сашо Китановски и воените обврзници Горан Миновски, Ердоган Шабановски, Љубе Грујоски, Бранко Секулоски, Дарко Велјановски, Пеце Секулоски, Веби Рушитовски и Марко Деспотовски, сите од Прилеп и Прилепско. Најмладата жртва во масакрот беше 21-годишниот Шабановски, а највозрасен Наумоски, кој загина на 48 години.