Производителите на грозје од Тиквешкиот регион се јавија деновиве со реакции поради ниската цена на откупот на нивниот род.
Освен лозарите, со реакции за цената и пласманот се јавија и овоштарите и производителите на сливи од радовишкиот и пијанечкиот регион. Замјоделците незадоволни од цените и откупот бараат поддршка и велат дека владата останува глува на нивните барања.
Деновиве започна интензивирањето на бербата на винско грозје. Лозарите ја дефинираат 2020 година како катастрофална година за нив. Тие се жалат дека за првпат по неколку години имаат намалување на цената на грозјето. Исто така наместо ветувањата од страна на владата за обезбеден откуп, односно пласман со повисоки цени, добиле неорганизиран откуп, по намалени и крајно понижувачки цени за нив.
-Повторно сме изиграни од страна на винариите и власта. Почна бербата на грозје цените се ниски, откупот негарантиран нема ниту договори, нема ништо, вели еден лозар.
Лозарите се загрижени за својот род годинава и стравуваат дека постои можност 30 милиони килограми од овогодинешниот род на грозје да не се откупи. Лозарите велат дека оваа година работат со загуба. Освен лозарите годинава на откупот и цените се жалат и овоштарите и производителите на слива. Производителите на сина слива во радовишкиот и пијанечкиот регион велат дека се повторува 2018 година кога имаа богат и квалитетен род, но нема кој да го откупи
Во делчевско производители на сливи мака мачат со откупот на брендот на овој регион. Во моментов сливата се откупува за 10 денари, но производителите тврдат дека откупот им оди само на оние кои имаат пријатели во откупните фирми. Во пијанечкиот регион годинава се очекува производство од 12.000 до 14.000 тони сина слива.
На терен се мал број на откупувачи, производителите тврдат дека годинава ги нема ни од Косово, кои земаат големи количини. Производителите на сливи бараат решавање на проблемите, и државата да им помогне со отворање на производствени капацитети за преработка или дестилерии, а фирмите коишто откупуваат да имаат лиценци.