Со празнична Божествена литургија одржана во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид денеска архимандритот Партениј е хиротонисан за нов епископ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Предлогот Отец Партениј да биде прогласен за епископ го даде неговиот надлежен архиереј, митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, што беше едногласно прифатено од сите членови на Синодот на МПЦ-ОА. Отец Партениј ќе биде викарен епископ на Дебарско-кичевската епархија, со титула „Епископ Антаниски”, а истовремено ќе ја задржи и својата должност игумен на Бигорскиот манастир каде што ќе биде и неговото постојано седиште.
Поглаварот на МПЦ-ОА, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во обраќањето до верниците по повод оваа свеченост истакна дека епископите во црковната традиција се наречени приемници на апостолите и продолжители на нивното дело, со што се истакнува важноста на службата и високата мисија на оние удостоените на тој чин.
– На начин како што апостолите го примија духот на вистина на Сионската височина, и ти се удостои да примиш дух на мудрост и разум, на совет и крепост, дух на знаење и богобојазливост, и веруваме дека токму тоа ќе ти помогне и преку новата должност уште побудно да ги надгледуваш доверените души, давајќи им пример на сите…Со денешниот чин преку Светиот дух врз тебе се изли љубовта божја и тој дар ќе ти помага со љубов да им служиш на љуѓето и да ги исполнуваш задолженијата, рече г.г. Стефан.
Поглаварот на МПЦ во словото до верниците посочи на некои од предизвиците со кои се соочува македонскиот народ.
– За жал, како народ, држава и Црква се уште сме пред портите на правдата и за црковната и националната македонска вистина. Но, силно веруваме дека ќе истраеме и дека ближи денот кога и последните неверни Томи ќе ја разберат и прифатат сета наша македонска вистина. Во таа борба повикани сме сите да учествуваме, и ијерархијата и монаштвото и свештенството и верниот народ и сите кои оваа земја Македонија ја чувствуваат за своја татковина, а црвката Македонска и Охридска за своја духовна мајка. Преосветен владико, внимавај и чувај ја довербата што ти се дава, сите твои постапки и дела нека бидат за доброто на нашиот народ и Црква, та во се да се прослави Бог преку Исуса Христа чија слава и владеење се вечни, истакна меѓу другото поглаварот Стефан.
Честитки за новоименуваниот Епископ Антаниски упатија бројни верници дојдени во Охрид само за да бидат сведоци на оваа свеченост.
– Луѓето ширум светот денес имаат насушна потреба од градење мостови на љубовта. Мостот по кој чекорам денес го изгради токму архимантритот Партениј кој денеска се хиротонисува во Епископ Анталиски. Познавајќи го цели 14 години, јас и многумина други секојдневно сведочиме како тој го менува светот кон подобро, му дава еден мирен, радосен и љубовен лик. Неговото милосрдие и љубов ги надминуваат човековите граници на етничкото потекло, националноста, полот, возраста, па дури и религијата. Неговото хиротонисување е благослов за Македонија, но и за поширокиот православен свет, рече во оваа прилика еден од верниците присутен на церемонијата.
Самиот настан се одржа со засилени мерки за спречување на ширење на коронавирусот и за посетителите беа обезбедени заштитни маски. Бројот на верници околу самата црква беше поголем отколку што дозволува просторот, а истовремено се водеше сметка за препораката за одржување социјална дистанца. Црквата „Света Софија“ пред почетокот на церемонијата беше целосно дезинфицирана