Отворени денови на Катедрата за славистика на Филолошки факултет „Блаже Конески“ ќе се одржат од денеска до 15 мај со цел приближување на студиите до идните студенти. Катедрата ќе спроведе серија отворени настани на кои средношколците ќе имаат прилика да се запознаат со наставните програми, содржини и ресурси, како и со перспективите за академски и професионален развој што се нуди.
На Отворените денови на Катедрата за славистика, учениците ќе имаат прилика да се запознаат со професорите, лекторите, наставниците и студентите на трите студиски насоки, да ги дознаат предметите, содржините, да присуствуваат на час и да стекнат претстава за тоа како изгледа факултетскиот ден на еден славист, да го постават секое неодговорено прашање и да добијат важни информации, насоки и контакти во врска со запишувањето и студирањето.
Смислата на оваа серија настани на Катедрата за славистика е да им помогне на многумина ученици да стекнат поинформирана претстава за различните академски патеки што им претстојат и, со тоа да направат соодветен избор за своите универзитетски студии.