Електродистрибуција отвори нова приемна канцеларија за корисниците во Радовиш, а постоечката во Крива Паланка е обновена и преместена на нова локација. Новите две приемни канцеларии од денес се ставени во функција на опслужување на корисниците.
Освен постоечките услуги во приемните канцеларии на Електродистрибуција, како новитет воведени се картичките за пријавување на состојби од броило кои по пополнување се ставаат во посебна кутија наменета за истите. Со ова, за корисниците креирани се услови за да го избегнат чекањето во ред, а воедно се отстранува и потребата од лично физичко присуство на барателот, како дополнителна можност покрај онлајн пријавата. Исто така, воведена е услуга за одложено примање на документи, што подразбира дека доколку на барателот му недостасува одреден документ при покренување на одредено барање, може да ја докомплетира документацијата во рок од три дена без да чека во ред.
На денешното отворање на приемната канцеларија на Електродистрибуција во Радовиш, присутни беа претставници од компанијата како и претставници на општина Радовиш.
Раководителот на Корисничкиот енерго центар на Електродистрибуција во Струмица, Јорданчо Костовски изјави: „Секогаш се стремиме за најдоброто на нашите корисници и овозможуваме бројни квалитетни услуги за сите граѓани. Како општествено одговорна компанија, услугите во нашите приемни канцеларии ги адаптираме според потребите на корисниците бидејќи тие ни се приоритет во сите оперативни или стратешки планови.“.
Градоначалникот на Општина Радовиш, Ацо Ристов изрази благодарност до компанијата за отворањето на приемната канцеларија и посака успех во работењето.
ЕВН Македонија за да им излезе во пресрет на сите целни групи, во континуитет креира електронски и услуги за граѓаните на лице место.
Компанијата сега вкупно има 23 приемни канцеларии ширум земјата со цел опслужување на корисниците за сите барања поврзани со компаниската дејност. Објектот во Радовиш се наоѓа на ул.15-ти Корпус бр.23, a во Крива Паланка приемната канцеларија е релоцирана на ул. Свети Јоаким Осоговски бр.106. Приемните канцеларии во Крива Паланка и Радовиш ќе работат во вторник и четврток. Во Крива Паланка работното време ќе трае од 07 до 15 часот, а во Радовиш од 09 до 13:30 часот.