Следните два дена (24-25 јуни) целата територија на државата ќе биде зафатена со температури од портокалова (алертна) фаза, соопштија од Министерството за здравство по најава од Управата за хидрометеоролошки работи.
Согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението, потребно е да се почитуваат општите мерки за заштита на здравјето, како што се: слободување од работните обврски на најранливите групи на населението, вклучувајќи ги бремените жени и лицата на возраст над 60 години.
– Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикуваат физички активности и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст на РСМ и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат поактивен пристап и да пружат помош на осамени, стари и изнемоштени лица и бездомници, апелира Министерството за здравство.
Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, од МЗ ги потсетуваат работодавачите на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
Исто така од Министерството за здравство апелират до населението дека во целиот летен период потребно е да ги почитува општи мерки за заштита на здравјето, како што се во текот на екстремно топли денови да се остане повеќе во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.
– Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да се носат заштитни очила и капа и да се користи крема со висок заштитен фактор. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри, укажува МЗ.
На хронично болните лица им се препорачува редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.
Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарски производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивна употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање веднаш по подготовката.