Регионалниот патен правец Битола – Ресен – Охрид денеска ќе биде блокиран од 10 до 12 часот поради протестен собир на овоштарите од Преспа, а кој ќе се одржи на местото викано „Макази“ .
Членот на организацискиот тим Љубе Пампулевски истакна дека протестот е неизбежен затоа што Министерството за финансии не ги исплаќа преземените обврски кон преспанските овоштари.
-Протестот го организираме затоа што сеуште не е исплатен надоместокот за предизвикана штета од невреме град и мраз во зимски услови од 2016 година, дел од 2017 година и 2018 година врз овошните насади. Веднаш сакам да истакнам дека ние имаме одлична соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и ресорниот министер, но и покрај одлуката на Владата, за жал Министерството за финансии и по изгласаниот ребаланс во јуни, сепак овоштарите не ги добиваат своите пари, изјави Пампулевски за МИА.
Овоштарите од Преспа бараат итна средба со премиерот Ковачевски и министерот Бесими за надминување на проблемот во пресрет на бербата на јаболката која почнува за еден месец.
Протестот на овоштарите се организира заради неисплатен надоместок за предизвикана штета од невреме со град и мраз во зимски услови врз овошните насади од 2016 година, дел од 2017 година и 2018 година.