Шеесет и едногодишна жена починала во недела на КАРИЛ, од сепса која ја добила од пукнато дебело црево, откако претходно била препраќана од клиника на клиника и шетана по болничките ходници, при што било изгубено драгоцено време, тврди за НОВА извор близок на семејството. Жената имала силни стомачни болки, но три дена лекарите не успеале да дијагностицираат за што точно се работи, ниту итно да ја оперираат, пишува порталот novatv.mk
„Аница почина од прснато дебело црево, од фекалии кои се разлиле во стомачната празнина, поради што сепсата навлегла во крвта. Изгубено е драгоцено многу време, операцијата е направена многу доцна “, вели за НОВА, извор близок на семејството.
Нашиот извор вели дека семејството е се уште во шок, но во наредните денови најверојатно ќе излезат во јавноста за случајот.
Голготата започнала на почетокот на минатата недела. Со силно стомачно страдање, Аница најпрво помош побарала во Градската хируршка болница„Св. Наум Охридски“, каде и дијагностицирале дека има камен во бубрегот и ја пратиле дома.
Според кажување на блиска на семејството, таа ноќта ја поминала со болки, за утрината да биде однесена во Ургентен центар, но не била хоспитализирана таму бидејќи немало место. Три дена, сега починатата жена била шетана по болничките ходници за да потоа биде хоспитализирана на Клиника за нефрологија, иако не била за таму. Дури откога бил повикан абдоменален хирург кој препорачал да биде однесена на Клиника за дигестивна хирургија, таа во четвртокот минатата недела била примена на таму и попладнето оперирана. Покачените вредности на уреа и креатинин и други параметри на лекарите на Нефрологија им укажувале дека со организмот нешто се случува.
По ова, таа била однесена на КАРИЛ, каде по три дена починала. Директорот на Клиниката за абдоменална хирургија за НОВА изјави дека нема зошто да објаснува на медиуми за случајот и тоа ќе го стори само на барање на Министерството за здравство.
„ Примена е сабајле кај нас во четвртокот и е оперирана попладнето. Не е шетана од клиника на клиника. Се што треба ќе објаснам на Министерството за здравство, ќе им ја дадеме и потребната медицинска документација. Нема ништо чудно во случајот, секој има право да умре“, рече Караџов, за НОВА.
На КАРИЛ пак, тврдат дека станува збор за стара перфорација на дебелото црево, најверојатно од неколку дена со замаскирана клиничка слика. Не знаат што се случувало претходно со жената, но велат дека кај нив била донесена во многу тешка состојба.
„Станува збор за пролонгиран процес. Таа имало израстоци на дебелото црево за кои не знаела кои довеле до пукање. Операцијата поминала добро, но штетата е направена. Не навлегувам и не знам што се случувало претходно, но пациентката беше донесена во септичен шок, во многу критична состојба, со сепса односно со бактерии кои с е излеале во стомачната шуплина. Ние направивме се што треба, но за жал пациентката почина“, изјави за НОВА Маја Мојсова раководител на КАРИЛ.
Во Министерството за здравство велат дека го испитуваат случајот и дека ќе се преземат сите мерки кои се во нивна надлежност, за да се расчисти што се случувало.
Во Државниот санитарен и инспекторат за НОВА потврдија дека прават вонреден инспекциски надзор, го следат патот по кој била лекувана починатата, почнувајќи од матичен лекар, па се до КАРИЛ каде што починала. Со конкретни податоци најавија дека ќе излезат во текот на утрешниот ден.