Ова е оркестрирана хајка против мене. Во сето ова главна улога играат технички директор, Ванчо Филков и менаџерот на администрацијата, Борка Петровска, вели за Курир разрешениот претседател на Синдикалната организација на „Фени Индустри“, Ѓорѓи Палитов.
Посочува дека лично би се заложил еден од нив да биде претседател на Синдикатот, бидејќи како што вели, двајцата подобро знаат како треба да функционира синдикалната организација, отколку самата фирма во која двајцата се главни менаџери.
Палитков вели дека Филков и Петровска веќе подолго време вршеле притисок и им се заканувале на вработените.
-Тие двајца веќе подолго време со закани, притисок, мобинг и отказ од работа се закануваат по вработените. Успеале последниот месец по најмалку 5 пати на секој член од Собранието на синдикалната организација што претпоставувале дека се блиски со мене да им се заканат и да им кажат дека ако гласаат за мене ќе им биде даден отказ од работа, појаснува Палитков.
-Ванчо Филков и без покана за учество на Собранието на синдикалната организација и по моја напомена дека не треба да биде присутен на синдикалното Собрание, без свест и човечко разбирање сепак остана до крај и пратеше кој како ќе се однесува во целиот тек на моето излагање према вработените во Собранието. По самите извештаи се гледа на што се трошени парите, дека никогаш во минатото не се носело посебни одлуки за трошење за овие средства туку една генерална на почетокот. Дека во однос на правење договор за дрва секогаш се одело со најефтината понуда, а за тоа што не е исполнет договорот од таа компанија имам поведено кривична пријава против тие лица. За позајмицата беа известени сите членови на одборот затоа што мораше да се снајдеме со пари додека се чека разрешница од судскиот спор со Прилепската компанија и тоа го направив за да ги спасам луѓето да имаат дрва за зимскиот период. Но и покрај тоа се злоупотребува само за да си ги исполнат своите цели луѓето од ГСОЛ (старо Кунико) и да се обогатат на туѓите маки. За жал вработените не го препознаа овој криминал и се уште молчат и работат за минимални услови во тешка металургија, каква што е Фени, објаснува Палитков.
Тој обвинува дека стечајниот работник работи по директива на менаџерите на Еуроникел, додавајќи дека тој им се спротивставувал во стечајната постапка бидејќи, како што вели, се обидуваат да го земат Фени без да ги платат сите долгови и да продолжат да го крадат како што тоа го правеле од 2005. до 2016. година.
-Пред 2 месеци дури бев и физички нападнат од нивни поддржувачи, а случајот го пријавив во полиција. Исто така, доказ за тоа е и присуството на техничкиот директор на Фени, Ванчо Филков на синдикалното собрание кој воедно е во сватовска врска со директорот на Еуроникел Герасим Кујунџиев . Тие се обидоа пред само 30 дена да ме сменат од позицијата претседател но неуспеаа, па сега со помош на СИЕР измислуваат некакви измами, вели Палитов.
Потенцира дека целото сценарио е лошо направено, бидејќи според него, јасно се гледа од извештајот каде се трошени парите од синдикатот. Вели дека парите се трошени за набавка на дрва и аванси на работниците.
– Мене ме обвинуваат дека немало одлуки, меѓутоа давањето на аванси отсекогаш одело без одлуки и со предходните раководства, а за дадение средства Одборот секогаш бил запознаен и точно се знае на кои вработени се дадени аванси. Уредно стои во извештајот дека парите секогаш се давани преку сметка, што значи дека не може да стане збор за никаков криминал и се знае на кого се платени. Случајот ќе се разреши на суд, а за сите игри кои се играат во Фени со влегувањето на старо-новиот менаџерски тим јавноста ќе биде во целост запозната во наредните денови, посочува Палитов.
Тврди дека нема ниту направено ниту една проневера и сите обвинувања имаат за цел тој да биде сменет од позицијата претседател на Синдикатот, бидејќи не се согласува со начинот на издавање на Фени под закуп, водењето на стечајната постапка. Вели дека платите на вработените се ниски, а производството тече.
-Едноставно кажано не сум нивен послушник. Кај работниците во Фени незадоволството е огромно, но поради притисоците од закупувачот Еуроникел се плашат отворено да зборуваат поради страв за нивните работни места. Една анонимна анкета кај вработените би го потврдила цело ова мое тврдење, вели Палитов.
Синдикатот на Фени Индустри го разреши од функцијата. На негово место е назначен Душко Николовски кој добил обврска во рок од еден месец да организира нови синдикални избори на кои низ транспарентна постапка вработените треба да одберат лидер кој ќе ги застапува нивните вистински интереси.
Како што пишуваат дел од медиумите, Палитов е разрешен на барање на вработените по бројните забелешки дека делува како продолжена рака на раководството кое ја доведе фабриката до стечај и се залагаше Фени да го добие бугарската компанија Енекод.