вторник, 14. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Панов: Чистиот јазик и идентитет, паѓа во вода со протоколот

Панов: Чистиот јазик и идентитет, паѓа во вода со протоколот

Всушност протоколот е дел од преговарачката рамка, независно од тоа што се претставуваше во јавноста и едноставно комисијата сега е условена да ја заврши сопствената работа по диктат или по желба на Бугарија, а тоа е условот на крајот за членство. Всушност завршувањето на работата на комисијата станува клучен критериум и услов за влез во Европската Унија, изјави Митко Панов, научен советник и редовен професор, во Тема на Денот на Сител ТВ.

Дополнително тој потсети на вчерашната изјава на министерот Османи кој јасно упатил кон тоа дека говорот на омраза односно натписите за бугарскиот фашистички окупатор и сите понатамошни ревизии вклучувајќи го и АСНОМ ќе станат дел од обврските односно интерпретациите на комисијата.

Според Панов погубно е тоа што формулациите до сега договорени од комисијата ќе мора да се имплементираат не само во учебниците, не само во натписите, не само во јавниот простор туку и во говорите за официјално чествување на историските личности. Ова не се однесувало само на државниот врв, туку и на научни институти и и институции финансирани од државата ќе мора да ги следат формулациите на комисиите и во ниту едно официјално чествување нема да смее да се каже дека е само македонско историско и културно наследство. Според него ова е апсурд без преседан во меѓународните односи.

-Чистиот јазик или чистиот идентитет кој ни се сервираше или кој што сеуште ни се сервира, веднаш паѓа во вода со протоколот. Само проверете го протоколот и ќе видите дека никаде не се спомнуваат македонци, македонски народ, напротив се спомнува бугарскиот народ кој треба да влезе во Уставот. Со самото тоа што министерот Османи во Бугарија не ја негираше позицијата на негација на македонскиот јазик и македонскиот народ покажува дека се согласува со истото. Каков е тој говор на омраза кога соседот кој што ве условува за членство во Европска Унија не ве признава. Кој е тој говор на омраза кој што ние го шириме, посочи Минов.

Тој додаде дека доколку добро се прочита протоколот јасно се гледа дека под превезот на говор на омраза може да влезе се што на Бугарија нема да и се допадне. Не само натписите туку и авторските дела, во кој според Минов суверено право на авторот е како тој ќе ги интерпретира случувањата.

-Што значи ќе се воведе цензура не само од министерството кое ќе поднесе урнек како другите ќе пишуваат што е нонсенс, еве ви го кажав примерот Јас ако пишувам за Самоиловата држава ќе треба да се прилагодам на комисија која не е експертска за тоа прашање и форсира историски вистини којшто се од 19тиот век, кој што се конструирани, бидејќи да не заборавиме дека Бугарија се до седумнаесетите години на 19тиот век Самоил не го третирала како сопствен национален херој. Едноставно ние се доведувам во ситуација под превезот на Европска Унија да воведуваме механизми и притисоци кои не се својствени на демократските земји, рече Панов.

Инаку, Панов е редовен професор во Институт за национална историја – Скопје. Неговите истражувања и предавања опфаќаат Историја на Византија; Историја на средновековна Македонија и на Балканот; Историографија на Балканот, средновековна и модерна. Моментално истражувачкиот фокус ја вклучува византиската историографија и етнографската и концептуална претстава за Македонија и Балканот. Заземал повеќе наставни позиции – професор на втор и трет циклус на студии во Институтот за национална историја, Скопје; професор на втор циклус на студии на Универзитетот „Евро-Балкан“, Скопје; професор на втор циклус студии на Правниот Факултет „Јустинијан први“, Св. Кирил и Методиј, како и на додипломските студии на Факултетот за образовни науки, “Гоце Делчев“, Штип. Бил визитинг професор на покана на Универзитетот во Глазгов (2008) и Универзитетот во Флорида (2015). Раководител е на студиските групи на втор циклус на студии при Институтот за национална историја. Во два мандати бил член на Советот на Институтот за национална историја (2006-2016). Во периодот 2013-2015 бил в.д. ректор на Универзитетот Евро-Балкан, Скопје. Oд 2016-2020 бил член на Сенатот на Универзитетот „св. Кирил и Методиј“, Скопје. Претседател е на Здружението на историчарите на Република Македонија, Скопје.

Проф. Панов учествувал на многубројни меѓународни конгреси, симпозиуми и конференции, што вклучува и претседателства на меѓународни организациски комитети. Активно бил вклучен во голем број меѓународни истражувачки и образовни проекти. Реализирал студиски престои во Лондон, Глазгов, Виена, Софија, Рим, Ватикан, Гаинсвил и др. Бил директор на повеќе Меѓународни летни школи од областа на византиските и средновековните студии. Бил уредник на повеќе меѓународни зборници и научни списанија. Учествувал како стручен консултант и редактор во подготовката на повеќе документарни емисии и публикации од областа на византиската и средновековната историја. Добитник e на највисоката годишна награда на градот Струмица „Свети Петнаесет Тивериополски Маченици“ (2008). Има објавено повеќе од 60 студии во книги и списанија. Неговата последна монографија е The Blinded State: Historiographic Debates about Samuel Cometopoulos and His State (10th-11th Century) (Leiden, Boston: Brill, 2019), со превод на македонски јазик Ослепената држава. Самуил Комитопулот и неговата држава (10-11 век) (Скопје: ИНИ, 2021).

Најнови вести