Денес, на дневен ред се две измени на Законот за детска заштита кои се предложени од страна на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Во првата измена на овој закон се бара висината на посебниот додаток наместо 5.021 денари, да се зголеми на 10.142 денари. Износот на посебниот додаток наместо 7. 531 денари за самохран родител кој има дете со попреченост до 26 години живот, да се зголеми на 15.163 денари. Износот на посебниот додаток наместо 6.276 денари за материјално необезбедени родители, кои се корисници на гарантирана минимална помош кои имаат попреченост до 26 години живот, да се зголеми на 12.652 денари, изјави денеска за медиумите Ели Панова, пратничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа смета дека со овие измени значителни би се помогнало на оваа категорија на граѓани на кои им е неопходна во овие тешки времиња.
– Со втората измена во Законот за детска заштита се дава можност за поширока примена на правото на користење на надоместок за трето дете без ограничување и дискриминација врз основа на остварен просечен приход на семејството на мајката. Со оваа измена се цели кон стимулирање на многудетни семејства, за подобрување на демографската слика на целото општество, што е важен елемент и за економијата, образованието и за развојот на државата во целина, појасни Панова.
Пратеничката додаде дека се надева дека парламентарното мнозинство ќе покаже свест и разбирање и ќе ги поддржи овие измени се со цел подобар живот на овие граѓани.