Партиите и кандидатите за градоначалници денеска продолжуваат со изборните активности претставувајќи ја пред граѓаните изборната програма за претстојниот четиригодишен мандат. Реконструкции на локални патишта, водоводни и канализациски системи, транспаретност и соработка со граѓаните и реализација на проекти со кои ќе се подобри животот, се дел од ветувањата на кандидатите за градоначалници.
Со пораки дека им се дава шанса на младите и дека со победа ќе ја потврдат исправноста на своите политики вчера коалицијата предводена од СДСМ ги претстави своите кандидати за градоначалници и носители на советнички листи во Струмица, Ново Село, Босилово, Василево, Старо Нагоричане, Штип и Куманово.
– СДСМ не би била СДСМ ако не предводи во промените. Даваме шанса на младите, на новата енергија во нив, на желбата тие на свој авангарден начин да се вградат во сегашноста и иднината, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев на митингот во Струмица, посочувајќи дека процесот на давање шанса на младите е веќе почнат насекаде низ државата со поставување на млади кадри на раководни позиции.
За најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, претстојните избори се важен тест на кој граѓаните ќе одлучат во кој правец сакаат да се движи земјата. Критикувајќи ја власта предводена од СДСМ за лошо менаџирање со ковид кризата и за лошото водење на државата, Мицкоски од митингот во Неготино ги повика граѓаните да се обединат во борбата против криминалот и корупцијата.
– Заеднички патриотизам е заеднички да успееме, заеднички да ги вратиме добрите луѓе кои што емигрираат, назад во Македонија. Заеднички патриотизам е да бидеме без предрасуди, да го победиме криминалот, корупцијата, неправдите. Заеднички патриотизам е народот да има повеќе пари во џебот, повеќе можности за развој, да носиме добри вести, да се радуваме на новите работни места, рече Мицкоски.
Изборната програма, како што посочи, има повеќе од 14.835 проекти од различни области со кои се решаваат суштинските потреби на граѓаните како што се реконструкции на улици, градинки, училишта, спортски сали….
Во фокусот на Демократската унија за интеграција е зелената агенда за која вчера говореше лидерот на партијата Али Ахмети пред жителите на Пласница.
– Никој не веруваше дека во оваа земја ќе се постигне заедниците да се разбираат меѓу себе, има уште многу работа, дали има предрасуди, се разбира дека има. Оваа земја наскоро ќе биде дел од ЕУ и верувам дека оваа земја има капацитет да ги придвижи работите напред. Денес сме со нова агенда, многумина имаа дилеми, но ние излеговме со оваа платформа. Значи, оваа платформа е живот, таа е за свеж воздух, рече Ахмети.
И независните кандидати за градоначалници на средбите со граѓаните ветуваат решавње на комуналните проблеми, еднаков пристап и за урбаните и за руралните средини, вложувања во паркови и зелени површини….
Изборите ќе се одржат на 17 октомври. На овие избори за првпат ќе се применат апарати за читање на отисок на прст на гласачите.