Предвремени парламентарни избори на 12 април ќе се одржат. Нема одложување, за тоа не станало збор на вчерашната лидерска средба, но поради коронавирусот и мерките и препораките, политичките партии ќе водат кампања без митинзи.
На лидерска средба кај премиерот Оливер Спасовски, претседателите на СДСМ Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на ДУИ Али Ахмети, на Алијанса за Албанците Зијадин Села и на движењето БЕСА Биљаљ Касами имаа заеднички став дека е најважно здравјето на граѓаните и дека ќе ги почитуваат препораките.
– Нема поважна работа од здравјето на граѓаните. И во таа насока побарав согласност која беше прифатена дека е неопходно сите да покажат одговорност и да се однесуваат одговорно, изјави техничкиот премиер Оливер Спасовски, по координативната средба со лидерите на политичките партии за состојбата со коронавирусот.
Многу е важно, рече Спасовски, сите политички партии да покажат одговорност пред здравјето на граѓаните, да ги следат препораките на институциите и нивните активности и кампањата за изборите да ја приспособат врз основа на она што е препорачано во мерките од страна на институциите.
– За мене претставува очекувано задоволство тоа што на состанокот се обедини заеднички став дека е најважно здравјето на граѓаните. Тоа е пред се и над се, нагласи Спасовски.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев истакна дека ќе ги почитуваат препораките и мерките на Владата за справување со коронавирусот и своите предизборни активности ќе ги водат преку медиумите, социјалните мрежи и преку лајфстриминг.
– Здравјето на граѓаните е највисок прироитет за сите институции и политички субјекти. Здравјето секому треба да му биде над се останато, рече Заев, додавајќи дека политичките партии треба да бидат пример за почитување на инситуционалните препораки.
Тој истакна дека на средбата не станало збор за одложување на изборите и оти начинот на водење на предизборната кампања ќе биде усогласен со мерките и препораките кои се за доброто на сите граѓани за брзо и ефикасно справување со ситуацијата.
Мицкоски посочи дека извесно е дека изборната кампања ќе се адапира на актуелните услови поради коронавирусот и ќе се води на алтернативни начини, преку социјални мрежи и мас медиумите и дека нема да има партиски митинзи додека трае забраната за јавни собири.
– Не се разгледа можноста да одложување на изборите. Она за што разговаравме е да имаме преадаптирање на изборната кампања. Немаше разговор по таа тема за одложување. Ќе имаме алтернативен начин за водење на кампањата, преку социјалните медиуми, преку мас медиумите, така натаму. Од врата на врата, поинаков начин, поинаков пристап, итн., рече Мицкоски.
Ахмети наведе дека и ДУИ ќе ги почитува препораките и нема да организира големи митинзи за предвремените парламентарни избори закажани за 12 април.
– Политичките партии ќе најдат начин како ќе работат и дејствуваат. Денес медиумите се многу развиени. Електронскиот свет е на највисоко ниво и сите партии може да комуницираат преку електронските средства, изјави Ахмети.
И Зијадин Села потврди дека Алијансата за Албанците ќе ги следи препораките и упати порака дека нема потреба од паника.
– Оваа ситуација ќе помине како и сите други. Ова е вирус и последиците од овој вирус не се различни од последиците на сезонските грипови. Секогаш како последица на сезонскиот грип имало пациенти кои завршиле во болница како последица на хроничните заболувања. Нема потреба од паника, луѓето треба да бидат солидарни, рече Села и ги повика фармацевтските компании да не ја злоупотребуваат ситуацијата и да не прават профит од средствата за дезинфекција.
Касами, исто така, посочи дека ќе ги почитуваат сите мерки и препораки на Владата за справување со коронавирусот и оти ќе ги искористат сите други можности за комуникација со гласачите за им ги пренесат нивните пораки и идеи.