Новопечениот Бугарин, Христијан Пендков се чувствува загрозен, нема да бара обезбедување од МВР, но не одговори на прашањето дали со обвинетиот Илија Спасески за кој тврди дека го натепал, се знае од претходно, како и дали причините за тепачката се нерасчистени односи од порано. Пред медиумите одново се пожали кога беше прашан какви закани добива. Истовремено, тврди дека престојува нормално во Македонија, со надеж дека нема да биде убиен.
„Се чувствувам загрозен. Добивам закани на социјални мрежи – месенџер, Инстаграм. На коментари си читаме закани кај што сакаат да не убијат. Не се чувствувам океј. Пријавено е во полиција, пред месеци и сега пред брзо. Редовно си пријавуваме. Пријавено е во ОБСЕ, сегде.
На прашањето, како престојува во Македонија ако добива закани, тој одговори: „Престојувам нормално, со надеж дека нема да нѐ убијат следен пат“.
Со оглед дека во Бугарија доби обезбедување, а во Македонија се шета без заштита, тој одговори и дали ќе побара заштита од МВР: „Се надевам дека одиме нанапред, дека имаме поотворено мислење, не треба да се тепаме заради некакво национално чувство. Се случи инцидент, се надевам дека нема да се повтори за никого. Не е убаво никој да е тепан и омаловажуван поради национално чувство“.
Адвокатот Стефан Камишевски, не му дозволи на Пендиков да одговори дали се точни шпекулациите дека тој не бил претепан поради неговото бугарско чувство, туку поради нарушени односи од претходно.
„Јас ќе му одговарам на тоа прашање, се извинувам“, изреагира адвокатот.
На барањето да дозволи прашањето да го одговори самиот Пендиков, адвокатот рече: „Јас не можам да ви дозволам бидејќи таквите факти се факти кои треба да се утврдат во една законски уредена судска постапка“.
И покрај инсистирањето, Пендиков да одговори дали се знае со обвинетиот Илија Спасески, адвокатот не дозволи.
„Јас ви одговарам“, рече адвокатот, па прашан дали Пендков и Спасески се знаат, додаде: „Може ли да ми дозволите да одговорам? Дали се знае или не се знае на таа околност, Пендиков даде одговор во Обвинителството и ќе даде одговор пред судот во постапката, кога ќе биде сослушан во својство на оштетен“.
Наместо одговори на останатите отворени прашања за тепачката која прерасна во дипломатска кавга, адвокатот на Пендиков рече дека за познанството ќе се чуе во судница, па со изговор дека неговиот клиент мора да замине за Софија, ја прекина изјавата.
„Сега јас си благодарам, Пендиков мора да се врати назад денес во Софија, бидејќи се уште му трае лекувањето и повредите не му се заздравени. Ви благодарам“, рече адвокатот.
Судењето се одложи поради отсуство на обвинетиот кој со документација од доктор докажа дека е болен, а судијата Бојан Мартиноски му поклони верба.
Охридското Обвинителството поднесе обвинителен предлог против едно од лицата за кои се смета дека го претепаа секретарот на бугарскиот културен клуб „Цар Борис“ во Охрид, Христијан Пендиков. Тој се бранел со молчење во текот на истражната постапка.
„На 19 јануари во кафе-бар во Охрид обвинетиот најпрвин пристапил до масата на која седел оштетениот и му забележал затоа што се изјаснувал како Бугарин. Подоцна, кога оштетениот го напуштил објектот и се движел кон своето возило, обвинетиот и другото непознато лице почнале да го следат, го нападнале и го удирале со рацете и нозете по главата и телото нанесувајќи му тешки телесни повреди. Во текот на истражната постапка сега обвинетиот се бранеше со молчење, но сите околности беа проверени и потврдени со изјави на сведоци на настанот и со обезбедените снимки од видеонадзорот“, соопшти Обвинителството кога го поднесе обвинителниот акт.
Тепачката се случи на почетокот на јануари.
извор: makfaks.mk