вторник, 12. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Петкоска до своите сограѓани Лазаревска и Таневски: Македонскиот народ од сите генерации, собрани пред Собрание да ве освестат да не и го правите ова на Македонија

Петкоска до своите сограѓани Лазаревска и Таневски: Македонскиот народ од сите генерации, собрани пред Собрание да ве освестат да не и го правите ова на Македонија

Надвор, пред од Собрание е македонскиот народ, различни генерации, а истовремено и толку исти. Исти во љубовта кон нашата земја, сплотени и единствени во желбата за зачувување на нашата Македонија. Мои сограѓани, Жаклина Лазаревска и Лазе Таневски не ги игнорирајте, тука се секој ден и тука остануваат за да ве освестат и да ве замолат, да не го сквернавите Самоил, Кирил и Методиј, немојте, рече пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петкоска на денешната расправа во Собрание каде што втор ден се дискутира за владините заклучоци за францускиот предлог.

„Верувам дека знаете каде сте родени, сакам да верувам дека сте свесни што правите и никако не можам да разберам зошто молчите. Чија земја ќе газите, од чиј извор вода ќе пиете и што ќе им оставите на вашите деца и вашите внуци. Ќе им оставите ли нешто што ќе се памети или ќе ги искорнете од сопствената земја и од сопствениот национален идентитет? Ќе им дозволите да се преобразат во безлични суштества фрлени во бескрајна празнина, во безмерна пустош“, запраша Петковска.

Во име на охридските граѓани, кои гласале да ги преставуваат во македонското собрание, таа ги замоли пратениците на Социјалдемократскиот сојуз од Охрид да не гласаат за Францускиот предлог со кој се овозможува асимилација и бугаризација на Македонија и македонскиот народ.

„Од срце ве молам, во името на нашите охриѓани не им го правете ова, затоа што човек кој е искорнат од својот национален идентитет е црно семе што рти во бездомност и мезименост, во туѓина и јабана, во крик и плач, во лелек и клетва, во страдање и мрак. Ова парче земја е градено, брането и платено со крвта од најмилите и најумните ни глави“, рече Петкоска.

Таа посочи дека една и единствена заедничка мисла на сите македонски граѓани и народни избраници во македонското Собрание треба да биде љубовта кон Македонија.

„Една и единствена мисла мора да биде заедничка за сите нас, љубовта кон Македонија. Историјата на оваа земја е испишана со крвта на многу јунаци и потпишана со солзите на многу мајки. И ако сте се умислите дека ќе го заборавиме тоа, многу сте се излажале и никој од вас нека не се надева дека ќе секне нашата молитвена песна, дека ќе се искине нашето тешко оро, дека нашите мајки ќе престанат да раѓаат горди и храбри синови и дека со тоа ќе заврши нашата историја“, рече Петкоска.

Таа додаде дека, да се сеќаваш на македонското минато, значи да веруваш во сопствената сила и силата на својот народ, да се сеќаваш на македонското минато значи да го создаваш и да го браниш и градиш животот против мракот на предавството и уништувањето.

Најнови вести