Ништо нема да правиме под притисок, изјави денеска бугарскиот премиер Кирил Петков одговарајќи на новинарсконо прашање за тоа дали Бугарија е под меѓународен притисок за да го подигне ветото за Северна Македонија.
„Не станува збор за политички притисок. Целата рамка дека некој не притиска, а ние нешто ќе правиме под притисок – нема да правиме ништо под притисок. Тоа мора да му биде апсолутно јасно на целиот бугарски народ. Тоа што го правиме е да видиме дали бугарските желби и потреби за поддршка на Бугарите во РСМ можат да се гарантираат преку европскиот процес. Ќе оставам на МНР, затоа што тие преговараат токму сега. Прашањето е друго, дали преку европскиот процес може да се гарантира бугарската позиција, а не некој да нè притиска за што било“, рече Петков, пренесуваат бугарските медиуми.