Со оглед на фактот дека малата Јана најверојатно починала од миокардит, а вирусите се честа причина за миокардит, не се исклучува можноста да имала вирусна инфекција. Лекарите во битолската болница со консултирале и со клиниката во Скопје и биле на добар пат за поставување на дијагнозата, но за жал вирусните миокардити знаат да бидат бурни и за само неколку часа може да се случува смртта. Не верувам дека во битолската болница можеле да направат нешто повеќе, истакна вечерва претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски.
Според Петличковски, најчести предизвикувачи на миокардит се Аденовирусите, Парвовирусите и секако вирусните инфекции од ковид, но, како што рече, шест месеци е малку предолг период за директно да се поврзе ковидот.
– Многу е веројатно дека некој вирус бил предизвикувач на миокардитот, но не можеме со сигурност да потврдиме кој е тој вирус. Шест месеци период е предолг период за да го инкриминираме ковидот и директно да посочиме дека е тој виновникот. Некој вирус многу веројатно бил, истакна Петличковски.
На прашањето околу забелешката на родителите на малата Јана дека таа имала отоци во телото и дали тоа можело да биде некаков сигнал дека се случува такво нешто и да биде предупредување за лекарите, тој одговори дека отоците на очните капаци, како што вели, веројатно се поврзани со ослабување на функцијата на срцевиот мускул.
– Мислам дека лекарите во битолската болница тоа веднаш го детектирале и почнале постапки за проценка на срцевата функција. Знам дека имало и консултации со клиниката во Скопје, и со Детската клиника и со Кардиологија, и прилично сум сигурен дека биле на добар пат во поставувањето на дијагнозата. За жал, некогаш овие вирусни миокардити знаат да бидат многу бурни и само за неколку часа се случува смртта, така што не верувам дека во битолската болница можеле да направат нешто повеќе, подвлече Петличковски.
Исто така информираше дека во определен мал дел на овие случаи состојбата е многу тешка и ургентна и дека тоа не може да се предвиди на почеток.
– Тоа се непредвидливи и многу тешки случаи и за жал немаме начин како тоа да го спречиме, посочи претседателот на Комисијата за заразни болести додавајќи дека можат да постојат некои благи симптоми но овој фулминантен тек не може да се предвиди, непредвидлив е и тешкорешлив, рече Петличковски, информирајќи и дека вирусните миокардити само околу еден процент завршуваат со смртен исход.