Катастрофална состојба и нехумани услови во затворите и психијатриските болници во земјава се старо новите проблеми кои се нотирани во годинешниот Извештајот на Националниот превентивен механизам.
-Конфликтите меѓу пациентите се многу чести, персоналот не може да воспостави ред, забележани се физички напади меѓу пациентите, ситуацијата е алармантна. Нотирани се чести бегства од неколку дена до неколку месеци, а тоа е, пред сè, поради лошите услови во институциите, слабиот менаџмент и недостигот на соодветен кадар, истакна денеска омбудсманот Насер Зибери, во врска со состојбите во судските одделенија на психијатриските болници во државава.
Презентирајќи го, Зибери како сериозен проблем ја посочи нередовноста во примањето терапија на пациентите во Психијатриската болница-Скопје, како и заканите и нападите кон болничкиот персонал.
-За време на посетата беше констатирано дека персоналот не може да воспостави ред во примањето на терапијата од страна на пациентите. Беа добиени наводи дека персоналот се соочува со закани и напади што во минатото резултирале со нанесување на телесно повреди на болничкиот персонал, потенцира Зибери, кој додаде дека добиле наводи и за воспоставена неформална хиерархија меѓу пациентите на „надредени и подредени“.
Слична состојба била констатирана и во Психијатриската болница во Демир Хисар, каде што целиот објект бил во лоша состојба, хигиената не се одржувала на соодветно ниво, што упатувало на итно преземање мерки за целосно реновирање на објектот.
-При посетата на едно од работните одделенија на персоналот беа пронајдени кожени ремени за фиксација, за кои ни беше истакнато дека не се користат. Беа пронајдени и метални синџири со катанче, во друга просторија беше забележан цврст кабел, за што вработените немаа одговор зошто е таму, ниту која му е намената. Имајќи предвид дека ваквите средства може да послужат за заплашување, малтретирање или друго несоодветно постапување со пациентите, народниот правобранител особено ја нагласува забраната за чување и користење метални синџири на одделенијата и воопшто во болниците, потенцира Зибери.
На презентацијата на Извештајот, омбудсманот се осврна и на состојбите во казнено-поправните установи, каде што „генерална констатација е дека сè уште се присутни проблемите поврзани со прекубројноста на осудените лица и несоодветните материјални услови во кои што се сместени“.
– Во најголемиот затвор во државава „Идризово“, во таканареченото затворено одделение во најголемиот дел од просториите не се почитуваат Европските затворски правила, според кои како минимален стандард за сместување лица лишени од слобода се налагаат четири метри квадратни индивидуален простор во заедничко домување, или шест метри квадратни во самостојно домување, истакна Зибери.
Тој го посочи дека во Казненопоправната установа во една од просториите, со површина од 14,28м2, беа сместени 15 осудени лица, од кои шестмина осуденици спиеле на душеци на подот, а останатите на кревети на четири ката.
-Во друга просторија од 21,5 м2 беа сместени 11 осудени лица, додека во трета просторија во истото крило, во просторија од 19,4 м2 беа сместени 10 осудени лица, истакна Зибери и додаде дека и во т.н. четврто крило биле сместени 124 затвореници, од кои 36 спиеле на душеци на подот во ходникот и користеле заеднички тоалет. Како загрижувачка, ја посочи состојбата и во затворската амбуланта каде што биле сместени вкупно 96 осудени лица, односно, 114 лица заедно со т.н. старечко одделение.
-Во една од просториите со 15м2 беа сместени 13 осудени лица, а од сместените осуденици се доби информација дека спијат по двајца истовремено во еден кревет или на смени и на земја, истакна Зибери и посочи дека осудениците се пожалиле на нефункционирање на бањите и честиот недостиг на топла вода.
Затворениците во затворот „Идризово“ се жалеле и на корупција, но не сакале да зборуваат јавно.
-Ова е сè уште актуелен проблем, односно дека за добивање на одредена погодност сè уште се користи начин што подразбира плаќање одредени погодности, истакна Зибери.
Тимот на Народниот правобранител минатата година го посетил и битолскиот затвор каде што констатирале недоволна екипираност со кадар, а исто така била извршена и ненајавена контрола на Воспитно-поправниот дом „Тетово“ за да се испита степенот на спроведување на препораките од 2021 година.
-Останува на сила препораката дадена минатата година, дека МОН, во координација со УИС, казненопоправните и воспитно-образовните установи, да пристапат кон реализација на обврската да се обезбеди образование на секое осудено лице на казна затвор и на секое дете на коешто му е изречена воспитна мерка, истакна Зибери, кој на крајот на вчерашната прес-конференција изрази незадоволство од „игнорантскиот однос на властите кон овој механизам, преку континуирано кратење на буџетот, со што ја доведува во прашање неговата работа.“