четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Петровска и Несторовска во игра за нов министер за одбрана

Петровска и Несторовска во игра за нов министер за одбрана

Иако првичните информации одеа во насока дека најсериозни кандидати за нов министер за одбрана се Љупчо Николовски, вицепремиер за антикорупција, и Катерина Ставревска, која го водеше кабинетот на се уште актуелната министерка Радмила Шекеринска, сепак, партиски извори брифираат дека во потесна конкуренција се уште две лица.

Како што неофицијално дознава Фокус, еден од кандидатите за оваа функција е пратеничката Славјанка Петровска, која порано му беше шеф на кабинет на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а по неговиот избор за технички премиер во пржинската владата, Петровска беше дополнителен заменик-министер за внатрешни работи.

Исто така, како што посочува партиски функционер, во комбинација е и Магдалена Несторовска, која моментално е државен секретар во МВР, додека порано беше во одбрана и извесен период советник во Општина Карпош, кој претставува матичен општински комитет на новиот лидер на СДСМ и иден премиер Димитар Ковачевски.

Покрај одбрана, најголема неизвесност има околу новиот министер за правда, откако веќе сигурно е дека министерот Бојан Маричиќ ќе биде нов вицепремиер за евроинтеграции. Како што веќе објави Фокус, Ковачевски сака на оваа позиција да предложи непартиски кадар од академската заедница.

Што се однесува до другите ресори, ситуацијата е безмалку позната, така што Фатмир Битиќи останува вицепремиер за економија, Оливер Спасовски прв човек во МВР, Благој Бочварски во транспорт и врски, Горан Милевски во локална самоуправа, а нова министерка за култура ќе биде Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Најнови вести