Многу повеќе посакував да дискутираме за законски решенија кои што ќе значат подобар живот, помалку сиромаштија, подобро здравство, и посветла иднина за сите нас. Но, за жал денес имаме освен бројните задолжувања како што беше повеќе од 21 милион за образование, 50 милиони за земјоделие, 70 милиони за автобуски превоз, 700 милиони евра за еврообврзница, и денес имаме предлог на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој, Светска Банка по договор за заем за финансирање на проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор повторно по скратена постапка во износ од 25 милиони евра, истакна Марија Петрушевска, пратеник од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ на денешната собраниска седница.
Петрушевска додаде дека мора да признае дека прилично интересно како после четири години од оваа старо – нова Влада се сети дека е потребно задолжување овој пат во изборна година за намалување на потрошувачката на енергијата во јавниот сектор и поддршка за воспоставување на одржлив механизам за финансирање на енергетска ефикасност исто во јавниот сектор.
– Оттука се наметнува дилемата дали средствата од овој заем навистина ќе бидат искористени за оваа намена. Или пак повторно истиот односно истите ќе бидат потрошени за институционален поткуп во пресрет на локалните избори, со надеж дека ова парламентарно мнозинство ќе успее да го сокрие не недомаќинското туку катастрофалното работење на нивните градоначалници, нагласи Петрушевска.
Петрушевска посочи дека овој заем од 25 милиони евра ќе ја има истата судбина како заемот од 90 милиони евра за борба со КОВИД пандемијата, кој што истиот требаше да послужи за поддршка и едукација на здравствените работници, но за жал заемот од 90 милиони евра заврши во ќесето на МТСП.