Повеќе од 10 дена во Собранието дискутираме за нешто што е извор на партиски бизнис интереси и тоа кадровски политики, изјави пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Марија Петрушевска на денешната собраниска седница.
„Кога ќе ги погледнеме кандидатите за министри и ресорите кои тие треба да ги водат со тоа се потврдува неуспехот или признавањето на неуспехот на оваа Влада. Имено станува збор за министерства кои се однесуваат на министерството за правда, здравство, информатичко општество и администрација и животна средина и просторно планирање. Доколку се отвори и погледне програмата на СДСМ и програмата на Владата ќе забележиме дека тие впрочем ветуваа резултати, успех и подобрување на овие сектори“, рече Петрушевска.
Таа додаде дека со право денеска граѓаните го поставуваат прашањето како некој кој буквално внесе колапс на овие сектори сега за 10 месеци би испорачал било какви резултати.
„Замислете како предложениот кандидат би донел реформи во судството и правосудството кога таму веќе 6 години граѓаните потврдуваат дека довербата во истите овие институции е 3-4%. Имаме колапс во правосудството и судството, а сега за толку краток период верувам дека никој од парламентарното мнозинство верува дека би можело да се испорачаат било какви резултати“, изјава Петрушевска.
Петрушевска кажа дека со месеци посочуваат за хакирани институции, а со години не се видело ништо од дигитализација освен оние фамозни најавувани инвестиции за Фејсбук и Гугл.
„Како министерот за здравство може да донесе реформи во здравството? Па здравството и образованието се најпогодениот столб во Република Македонија и тоа тенденциозно се руши сите овие 6 години. Доволен доказ за тоа беше протестот на здравствените работници. До каде сме со изградбата на клиничкиот центар? Замислете за жал во оваа држава губиме луѓе заради тоа што имаме недостаток на лек или толку повеќе ни се случува родилки да ни починат во 21 век од Сепса“, потенцираше Петрушевска.