четврток, 30. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Пинг-понг на институциите: „Невидливиот“ автобус на „Беса транс“ – кој го пушти возилото без дозвола да ја напушти Македонија?

Пинг-понг на институциите: „Невидливиот“ автобус на „Беса транс“ – кој го пушти возилото без дозвола да ја напушти Македонија?

На вчерашната прес-конференцијата министерот за транспорт Благој Бочварски обзнани дека автобусот на „Беса Транс“, кој изгоре и во кој животот го загубија 45 лица не бил пријавен за вршење меѓународен превоз, па поради тоа се поставува прашањето како воопшто тоа возило ја напуштило земјата?

Од Плусинфо побарале одговор од Министерството за внатрешни работи(МВР), но оттаму им посочија дека граничната полиција не врши контрола за тоа дали автобусите ја имаат соодветната документација за вршење на меѓународен превоз. Од МВР за Плусинфо ни изјавија дека надлежни за тоа се вработените во Царинската управа кои се на граничните премини.

Истите прашања ги поставивме и во Царинската управа од каде ја добивме следнава информација.

– Во насока на навремено и транспарентно информирање на јавноста, Царинската управа проследува информација поврзана со автобуската несреќа што се случи на 23.11.2021 година во соседна Република Бугарија, во која изгоре автобус на превозникот Беса Транс – Скопје. Од рано утрово Секторот за професионална одговорност на Царинска управа е на ГП Деве Баир со цел детално да се изврши контрола на постапувањето на превозникот и царинските службеници, согласно надлежностите пропишани со Законот за превоз во патниот сообраќај на денот на излез на предметниот автобус. Предмет на контрола е и постапувањето за конкретниот превозник и возило и во претходниот период на истиот граничен премин – велат од Царина.

Оттаму додаваат дека за наодите од контролата јавноста ќе биде навремено информирана.

Министерот Бочварски во неговото гостување во Утрински брифинг, рече дека надзорот и контролата на јавниот превоз тоа го има Државни инспекторат за транспорт.

– Согласно европските регулативи инспекторатите се извлечени од министерствата за да бидат посебен дел од ресорот којшто ќе ја контролира работата и на тоа што е издадено како документација, но и работата на терен. Во делот на министерството имаме внатрешна ревизија којашто постојано ги контролира издадените акти и тоа несомнено се прави. Овде станува збор за склоп на институции. Јас не можам да ја контролирам работата на Државниот инспекторат за транспорт, на Царина, на МВР – вели Бочварски.

Па додека не се извршат предвидените и најавените контроли, јавноста ќе биде покуса за информацијата како е можно возило кое нема дозвола за вршење на меѓународен транспорт воопшто да ја напушти територијата на Македонија.

Извор: Плусинфо.мк

Најнови вести