Платформата за родова еднаквост денес одржа прес-конференција на која упати барања до Јавното обвинителство и Советот на јавни обвинители за конечно разрешување на случајот Јавна соба и доследно пружање на заштита на жените жртви на родово-засновано насилство. Од Платформата бараат обвинителството и Советот итно да испорачаат конкретни резултати по нивните барања со рок до 8 Март, кои ќе покажат дека конечно овие институции преземаат мерки. Од Платфомата за родова еднаквост изјавија дека ниту една мерка за спречување и заштита од насилство нема да го има посакуваниот ефект, доколку сторителите избегнуваат кривична одговорност за делото.
Јана Коцевска од Платформата за родова еднаквост изјави:
„На ваков начин, се праќа порака дека насилството врз жените не е казниво, насилниците се охрабруваат да продолжат со своето однесување, а жртвите остануваат заплашени, засрамени и неми. Иако „Јавна соба“ е случај кој го привлече вниманието на целата јавност, сепак, после една година случајот сѐ уште нема завршница, а сторителите се гонат само за кривичното дело „производство и дистрибуција на детска порнографија“. Искуствата на жените на кои со години им обезбедуваме бесплатна правна помош и други услуги, сведочат за бројни пропусти во водењето на постапките. Од страна на обвинителствата има ненавремено покренување на обвинителни акти, неефикасно или без должно внимание раководење со предистражни и истражни постапки што резултирало со ненавремено или воопшто необезбедување на релевантни докази, како и непреземање на мерки кон сторителот за да се спречи продолжување на насилството кон жртвите.“
За овие состојби здруженијата побараа одговорност и од Советот на јавни обвинители кој според нив недоволно ги користи своите надлежности за контрола над работата на јавните обвинители кои непрофесионално и ненавремено ја извршуваат својата функција во однос на кривичните постапки за родово-засновано насилство. Здруженијата побараа и поголема ефикасност и посветеност и од страна на специјализираното одделение за гонење на кривични дела извршени од лица со полициски овластувања бидејќи низ годините, се сретнале и со полициски службеници кои самите се сторители на насилство.
– Од Вас очекуваме да преземете мерки во надлежност на Обвинителството и Советот за да обезбедите ефикасна заштита на животот и здравјето на жените жртви на насилство преку навремено, ефикасно, внимателно и сеопфатно спроведување на кривични постапки против сторителите, притоа имајќи предвид дека насилството врз жената не е личен и приватен проблем, туку Ваша одговорност. Ние повеќе не прифаќаме изговори или префрлување на одговорноста на другите институции, тука бараме резултати од обвинителството – веднаш, дополнува Коцевска.
Во продолжение се барањата кои Платформата ги испрати до Јавниот обвинител, Љубомир Јовески и претседателот на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски:
– Кривичен прогон на сторителите од случајот „Јавна соба“ и за полнолетните жртви во случајот, а не само за делото „производство и дистрибуција на детска порнографија“;
– Обвинителни акти против сторителите од „Јавна соба“ за делата „злоупотреба на лични податоци“, „посредување во вршење проституција“, „загрозување на безбедноста“ или „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, зависно од околностите на случајот;
– Доследно, квалитетно и навремено спроведување на предистражни и инстражни постапки во случаите на насилство врз жени;
– Засилена контрола над работата на обвинителите во случајот „Јавна соба“ и изрекување на санкции согласно закон;
– Започнување на процес на засилена контрола над работата на обвинителите кои работат на постапки на насилство врз жени;
– Донесување, фактична и доследна примена на внатрешна акти со кои ќе се прецизираат обврските и начинот на постапување на јавните обвинители во случаите на родовозасновано насилство, во согласност со Законот за спречување и заштита од насилство врз
жени и семејно насилство и Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство(Истанбулска конвенција).