Платформата за родова еднаквост, мрежа од здруженија кои работат на унапредување на родовата еднаквост и организатори на протестите за случајот „Јавна соба“, денеска на прес-конференција најавија дека на 8 март повторно ќе одржат марш на кој ќе ги изнесат своите очекувања од Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство.
Тие бараат итна испорака на конкретни резултати по нивните барања со рок до 8 март и да покажат дека конечно преземаат мерки и започнуваат со нивна реализација. Очекуваат и кривичен прогон на сторителите од случајот „Јавна соба“ и за полнолетните жртви на случајот, а не само за делото „производство и дистрибуција на детска порнографија“.
– Очекуваме кривични пријави од МВР против сторителите од „Јавна соба“ за делата: злоупотреба на лични подалтоци, посредување во вршење проституција, загрозување на безбедноста или ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем во зависност од околностите на случајот. Очекуваме започнување на процес на прочистување на полицијата од полициски службеници сторители на насилство врз жени и нивно соодветно санкционирање. Очекуваме донесување фактичка и доследна примена на внатрешна политика за ефикасно санкционирање на сите полициски службеници, кои ги повредиле првата на жртвите на родово засновано насилство преку своето непрофесионално постапување или пропуштање да се преземат мерки, како и континуирана стручна едукација за постапување во случај на родово засновано насилство, нагласи денеска Бојана Јовановска од Платформа за родова еднаквост.
Дел од нивните очекувања се и иницирање на измени и дополнувања во Законот за полиција, како и правилникот за начинот на вршење на полициските работи со внесување на специјални одредби за постапување во случај на родово засновано насилство и нивно усогласување со Истанбулската конвенција. Очекуваат и преземање мерки за да започне со работа телото омбудсман плус и да се креираат услови за истото да прерасне во ефикасен, ефективен и независен механизам за граѓанска контрола на полицијата.
Во своето обраќање Јовановска се осврна и на работата на полицијата, упатувајќи порака до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дека „во практика не гледаат никакво унапредување во однос на полицијата во ваквите случаи“.
– Одговорот на полицијата во овој случај уште еднаш ги потврди бројните недоследности во обезбедување на заштита на жените од родово засновано насилство, од институцијата која ја раководите. Дури и најдобрите закони во областа нема да имаат ефект доколку полицијата продолжи со непрфоесионално постапување засновано на лични и произволни ставови засновани на родови стереотипи и предрасуди. Од вас како министер очекуваме да ја реформите полицијата во професионален сервис за граѓанките кои меѓудругото ќе обезбеди и ефикасна заштита на жртвите и прогон на сторителите, нагласи Јовановска.
Секторот за внатрешна контрола, според неа, во своето постапување „нема соодветна волја да ги истражи случаите“ и, како што вели, бара жртвите да докажуваат несоодветно постапување, додека сите доказни средства се во рацете на полицијата.
– Жените не и веруваат на полицијата и сметаат дека пријавувањето е залудно заради непостапување, неверување и релативизирање на нивните искуства со насилството. Нерегистрирање или несоодветно регистрирање на пријави за насилство како поплаки, прекршочни санкции, опомени за насилниците, наместо документирани и аргументирани кривични пријави. Несоодветно спроведување на забраните за приближување и контактирање на жртвите, што резултира со континуирано засилено насилство чиешто со сериозни последници по здравјето на жртвите, а во голем број случаи и на смрт. Непотизам, корупција и култура на прикривање на пропусти меѓу полициските службеници, поради кои насилниците поминуваат несанкционирано, а жртвите губат верба во системот. Отсуство на санкции за полициски службеници кои се сторители на насилство, особено кон маргинализирани групи жени, како Ромки, сексулани работнички, бездомнички и други, посочи Јовановска, додавајќи дека ќе прододлжат со протести се додека не почнат да се случуваат промени.