Образовниот систем има примарна улога во градењето на младите како личности кои треба да ги прифаќаат и применуваат вистинските човечки, етички и морални вредности и норми. Но, какви генерации ќе создадеме не зависи само од наставниот кадар и стручните служби во училиштата. Тоа е обврска на сите општествени чинители.
Случувањата во нашето соседство вклучија сериозен аларм дека институционалната, семејната и индивидуалната посветеност и грижата за правилниот раст и развој на децата треба да се подигнат на уште повисоко ниво, се вели во соопштението на МОН.
Оттаму истакнуваат дека младите денес растат во поинакви околности за разлика од минатото. Новите времиња носат поволности, нови достапни можности, но и многу нови фактори кои негативно би можеле да се одразат на однесувањето на децата и да доведат до ситуации со несакани последици.
-Бројни законски решенија, проектни мерки и активности досега се спроведени во оваа насока. Континуирано се зајакнуваат стручните психолошко – педагошки служби во училиштата, се спроведува советување на ученици и на родители на ученици со проблеми во однесувањето од различна природа. Се имплементираат проекти за заштита од насилство заедно со општествено одговорни компании и со меѓународни организации.
Како креатори на образовните политики, Министерството за образование и наука заедно со Владата на Република Северна Македонија и сите други засегнати институции и установи, согласно своите надлежности веднаш започнуваме со ревидирање на воспитната компонента на образовниот систем, механизмите за детекција на предизвици и формите на поддршка на учениците и семејствата.
Очекуваме поддршка од сите засегнати чинители, експертската јавност, граѓанскиот и невладиниот сектор, бизнис заедницата и меѓународните партнери, кои и досега имаат важен придонес во напорите за заштита на правата на децата, за заштита на физичкото и менталното здравје, спречувањето на врсничко и неврсничко насилство и така натаму.
Првиот чекор е инклузивна средба со претставници на академската фела и веќе во текот на утрешниот ден истата ќе се одржи во просториите на МОН, а ќе учествуваат универзитетски професори од областа на педагогијата и психологијата, социологијата, безбедноста и сајбер насилството и други.
По завршување на средбата ќе бидат соопштени заклучоците, односно препораките кои како што посочивме ќе бидат иницијален чекор за подигнување на институционалната грижа за правилен раст и развој на младите, се наведува во соопштението.