Минаа речиси два месеци откако МВР соопшти дека успеале да спречат терористички напад од ИСИС во Македонија, но како успеале во тоа за јавноста се уште останува непознато. Во соопштението кое тогаш беше објавено од Министерството за внатрешни работи пишуваше дека одземени биле предмети и уреди кои се поврзани со можниот напад, но немаше информации ниту каков напад, ниту каде, ниту колку лица биле вклучени во неговото планирање, анализира ТВ Алфа.
Иако поминаа долг период од тогаш, првиот полицаец Оливер Спасовски повеќе информации се уште не открива.
-Се што можеше да биде соопштено во јавност беше пишано во тоа соопштение. Имавме и брифинг на кој ви укажав дека ваквите сензитивни работи, истрагите не може да ги водиме преку медиумите, изјави Спасовски.
Според министерот за внатрешни работи информациите дека Македонија била мета на терористички напад не е основа за паника и страв кај граѓаните.
-Јас мислам дека е така, нема страв, нема паника, заради што нема основа за нешто такво. Ние пративме соопштение, ги информиравме граѓаните за тоа што сме направиле, изјави Спасовски.
Откако Германија и Велика Британија ги повикаа своите граѓаните да внимаваат на северот на Косово и да не одат ако не е неопходно, поради напнатата ситуација таму, Спасовски вели дека тамошната состојба не ја нарушува безбедноста во регионот, меѓутоа сега засега.
-Сега засега не постои загриженост која што може да ја наруши безбедност во целиот овој регион, посебно заради случувања кој ги има на северот на Косово. Јас очекувам дека тоа пред се со дијалог ќе се реши меѓу Косово и Србија, изјави Спасовски.
Во Македонија пред нешто помалку од еден месец пет лица беа осудени на 6 години и едно на девет, откако признаа дека учествувале во терористичката организација ИСИС. Колку за паралела околу висината на казните, додека во Македонија терористи се казнуваат на толкави казни, во Данска поради Фејсбук објава со поддршка за тероризмот едно лице доби четири години затвор.