Директорот на ЈУ Завод за згрижување на деца со воспитно – социјални проблеми „25 Мај“ Стевчо Соколовски поднесе оставка од морални причини, во врска со случајот со сексуалната експлоатација на малолетна штитеничка на установата, информираат од Министерството за труд и социјална политика.
– Комисијата веќе утврди дека стручните служби и назначениот старател во неколку наврати ги алармирале надлежните институции за можна сексуална експлоатација на Р.И. Сега се истражуваат сите останати елементи за можно непостапување од страна на претходниот назначен старател на детето, се вели во соопштението од МТСП.
Оттаму очекуваат МВР и ОЈО да преземат мерки согласно со нивната надлежност, со цел да се пронајдат и санкционираат лицата коишто ја злоупотребувале малолетната жртва.
– Во оваа прилика би сакале да потенцираме дека преку случајот на Р.И. се покажуваат аномалиите на разрушениот систем на социјална заштита, особено кога станува збор за деца во специфичен ризик. Евидентна е потребата од подобра координација меѓу сите институции и воспоставување систем кој вистински ќе ги заштити децата од социјален ризик, посочуваат од Министерството.
Во таа насока истакнуваат оттаму, Министерството за труд и социјална интензивно работи на процесот на деинституционализација. До средината на 2018 година, ќе започне трансформацијата на установите за згрижување деца во мрежа на мали групни домови. Оваа реформа, сметаат од Министерството, ќе овозможи индивидуален пристап кон секое дете, подобра грижа и значително намалување на ризикот од вакви несакани настани.