Вчера во 90-тата година од животот почина еден од најдобрите лекари педијатри во Кавадарци, примариус д-р Киро Китев.
Д-р Китев е роден во Кавадарци во 1932 година, завршил основно образование и прогимназија во Кавадарци, а средно медицинско училиште во Загреб во 1950 година. По завршувањето на училиштето извесно време работел во здравствените станици во Кавадарци и Неготино и тој е еден од првите медицински лаборанти и техничари во Кавадаци.
Во октомври 1953 година се запишал на Медицинскиот факултет во Скопје кој со успех го завршил во 1961 година. Веднаш се вработил во Здравствениот дом во Кавадарци, а еден дел од приправничкиот стаж го поминал во Скопје.
Доктор Киро Китев подолг период работи во Детскиот диспанзер во Кавадарци, каде бил шеф на Општа амбуланта во градот. Специјализира педијатрија на детската клиника во Скопје, а специјализацијата ја завршил во 1971 година.
Доктор Китев бил шеф на детски диспанзер каде работи заедно со Д-р Диме Мешков. Последните осум години пред пензионирањето е началник на Детско одделение и службата за здравствена заштита на деца и ученици при Медицински центар во Кавадарци.
Д-р Китев е автор на повеќе од 25 стручни трудови, презентирани на конгреси, симпозиуми и стручни собири. Со звањето примариус се стекнал во 1993 година.
За време на својот работен век бил претседател на Работничкиот совет на Медицински центар во Кавадарци, претседател на Синдикатот, претседател на Општинскиот одбор на Црвениот Крст во Кавадарци.
Во еден мандат Д-р Китев бил член на Здравствениот собир при Собранието на Р. Македонија. Бил претседател на УО на Медицински центар – Кавадарци.
Д-р Китев својот работен век го завршил во 1998 година кога заминува во пензија. За својата работа има добиено голем број награди и признанија.
Вечна му слава!
Фејсбук-статус на Петре Камчевски