Актерката и поранешна градоначалничка на општина Кисела Водa, Билјана Беличанец синоќа е пронајдена мртва во својот дом.
Била пронајдена од страна на сопругот, обесена.
Имаше неполни 46 години. Нејзин матичен театар е Драмскиот театар во Скопје.
Има две деца од првиот брак.
-Огромна празнина останува во Драмски. Нашата Билјана Беличанец е неповторлива. Почивај во мир- порачаа од Драмски театар на својот Фејсбук профил.
Таму, ја објавија нејзината биографија.
IN MEMORIAM
Билјана Беличанец
(25.07. 1973, Скопје – 06.04.2019 Скопје)
Дипломира актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје (1994). Работи во Народен театар “Војдан Чернодрински” – Прилеп (1994-1997), додека во 1997 година преминува во Драмски театар Скопје. Како актерка со непроценлив талент, работна пожртвуваност и професионалност, ги толкува главните улоги во пиесите и заслужено го зазема местото на првенец актер во ДТС. Од 2013-2017 година ја извршува функцијата градоначалник на Општина Кисела Вода.
Селективна театрографија: Маргарет Флаерти (Заводникот од западниот свет, 1997); Сузана (Свадбата на Фигаро, 1998); Софија Јегоровна (Платонов, 1999); Клариса де Бисоњози (Арлекин – слуга на двајца господари, 1999); Кинегонда/ Газдарица на јавна куќа (Кандид во земјата на чудата, 2000); Ерика Брукнер (Мефисто, 2000); Маре (Тетовирани души, 2001); Мувата Ѕунѕарка (Како се станува цар, 2003); Дона Естрела (Што е тоа што ги тера жените навечер да трчаат по улиците на Мадрид, 2004); Наталија Ивановна (Три сестри, 2004); Ангустија (Домот на Бернарда Алба, 2004); Хелен (Жив чоек/Everyman, 2004); Старицата (Демонот од Дебар Маало, 2006); Донка (Македонски рулет, 2007); Ана (Комшилук наопаку, 2007); Велика (Сите лица на Петре М. Андреевски, 2008); Кинегонда/ Малечката/ Службеничката (Кинегонда во Карлаленд, 2009); Цвета (Грев или шприцер, 2011); Сара (Генетика на кучињата, 2012); Ифигенија од Македонија (Архелаос или Еврипид се враќа дома, 2012); Македонка (Последните Македонци, 2012); Ема (Љубовници, 2015).
Селективна филмографија: Мајки (2010); Од денес до утре (2010).
Награди: Награда Трајко Чоревски за најдобар млад актер за улогата на Медеја во претставата „Медеја“ на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ (Прилеп, 1996); Награда за најдобар млад актер на Фестивалот Мали и експериментални сцени (МЕСС), за улогата на Ерика Брукнер во претставата „Мефисто“ (Сараево, 2000); Награда за најдобро актерско остварување за улогата на Кинегонда во претставата „Кинегонда во Карлаленд“ на МТФ „Војдан Чернодрински“ Прилеп (2009); Награда за најдобро актерско остварување за улогата на Сара во претставата Генетика на кучињата на МТФ „Војдан Чернодрински” (Прилеп, 2012).
Нејзините колеги, фанови и пријатели со тажни пораки се простуваат од Билјана.