Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип од денеска до 1 септември го реализира првиот уписен рок за прием на студенти за академската 2020-2021 година, кој ќе се спроведе според здравствените протоколи. Слободни се 3800 места за идни студенти за 90 студиски програми на 12 факултети и три академии.
Пред речиси два месеца е отворена и електронска платформа на која студентите можеа да си направат профил, да ги внесат оценките и да извршат електронско плаќање, а од денеска на пунктовите може само да ги достават потребните документи за упис.
-Отворени се пунктовите за упис на студенти во прва година во нашите центри во Штип, Струмица, Скопје, Кавадрци и Гевгелија. Доколку студентите не можат да се снајдат на платформата, нашите вработени на отворените пунктови ќе им помогнат да ги завршат сите постапки, рече проректорот на УГД-Штип Мишко Џидров денешната на прес-конференција.
Македонските универзитети сè уште немаат добиено насоки како ќе се држи наставата – со физичко присуство во предавалните или онлајн.
-Ние како Универзитет сме подготвени да се вратиме во предавалните, а подготвени сме и за далечинско учење. Од Мајкрософт добивме и признание дека најдобро сме одговориле на предизвикот за онлајн-учење. Во текот на минатите месеци на наставниот кадар им е дадено насоки да го прошират материјалот и да го прилагодат за ваков тип на настава, додаде Џидров. (МИА)