Исплатите на средствата од мерката „Викенд без ДДВ“ треба да започнат од следната недела, најави вчера на прес-конференција министерот за финансии Фатмир Бесими, откако во Собранието беа донесени ребалансот на Буџетот и законите кои овозможуваат реализација на четвртиот пакет мерки за поддршка на граѓаните и фирмите подгодени од корона кризата.
Бесими не прецизира колку вкупно пари ќе им бидат вратени на граѓаните, но од претходно објавените податоци, станува збор за околу еден милион евра.
Оваа мерка беше спроведена на 10, 11 и 12 октомври, кога беше реализиран вкупен промет од околу 9 милиони евра, или поточно 558.176.715 денари, од кои, како што соопштија од Управата за јавни приходи, повратот изнесува 66.853.929 денари, односно нешто над милион евра.
Владините проекции при најавата на оваа мерка беа дека ќе се потрошат над 170 милиони евра, а повратот на ДДВ ќе биде во вкупна висина од 17 милиони евра.
Според податоците од УЈП, поврат на ДДВ од продолжениот викенд ќе добијат вкупно 204.088 граѓани кои купувале македонски производи и услуги како и компјутерска опрема и издадените фискални сметки ги скенирале преку апликацијата МојДДВ. Оваа мерка можеа да ја искористат околу 350 илјади граѓани кои се регистрирани во системот на Управата за јавни приходи за скенирање фискални сметки, но се покажа дека некои од нив не можеле или не сакале да ги искористат поволностите за поврат на ДДВ.
Инаку, според најавите повратот на средствата требаше да се изврши во рок од три недели по викендот без ДДВ, или најдоцна до крајот на октомври, но се пролонгира поради носењето на неопходната законска регулатива за реализација на четвртиот пекет мерки.